Србија планира да набави француски борбени авиони Рафал, изјавил српскиот претседател Александар Вучиќ за агенцијата Ројтерс.
Тоа, според британската агенција која се повикува на експертска анализа, се оценува како „нов знак дека Белград се дистанцира од традиционалниот снабдувач на оружје и сојузник Русија“.
– Се преговара за купување на 12 нови авиони, а со друга земја сме во разговори за набавка на дополнителни 12 половни авиони од истиот тип, рекол Вучиќ.
Како што наведува францускиот весник Трибјун, разговори најпрво биле водени за шест авиони, а потоа за 12 нови летала.
Компанијата Дешалт евиејшн својата понуда на српското Министерство за одбрана ја предала на почетокот на минатиот месец, а како што додаваат француските медиуми, набавката на нови борбени авиони би ѝ овозможила на Србија да ја модернизира својата флота, составена главно од стари „мигови“.
Ројтерс во исто време потсетува дека Србија пред три години го купи „Мистрал“ францускиот систем на ракети земја-воздух, а во 2016 година таа од Франција набави и неколку хеликоптери од марката „Ербас“.
– Заинтересирани сме да го купиме Рафал, бараме најдобар начин да ги купиме, а при тоа да не ги загрозиме нашите јавни финансии, додал Вучиќ.
Тој посочил дека Белград размислува и за купување на дополнителни други авиони со цел да ги заменат воените летала произведени во поранешна Југославија.
Како што беше објавено, во изминатиот викенд шест транспортни авиони од Кина слетаа на белградскиот аеродром, каде донесоа воена опрема за Србија. Неофицијално беше наведено дека станува збор за ракетни системи.