Сончогледовото масло ќе се увезува без царина. За да нема недостиг на домашниот пазар, Владата донесе одлука наместо 29%, маслото за јадење да влегува во земјата без давачка.
Со ваквата мерка, која ќе трае до 31-ви мај, се очекува и пад на цената за најмалку 20 %. Србија неделава треба да ја тргне забраната за извоз во Македонија, а до тогаш, од Министерството за економија велат дека сончогледово масло ќе се увезува од Бугарија и Турција, како и до сега.
Истовремено продолжува забраната за извоз на одделни житарици, односно пченката, пченицата, јачменот, сончогледово семе и слично и во следните 30 дена.
Владините мерки ги објави на својот ФБ профил министерот за економија Бектеши. Целта е вели да се заштити домашниот пазар и да се избегнат шпекулативните дејствија на трговците и производителите.
Едните ги криеја по магаците и создаваа паника кај граѓаните дека масло за јадење може да нема, додека другите изјавуваа дека суровини за производство нема, или се по многу повисока цена, па неминовно ќе биде поскапување.