Со ребаланс на Буџетот да се предвидат средства за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за десет проценти, побара Владата од ресорните министерства на вчерашната седница.

Владата го повика Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) да го прифати ова покачување и во интерес на децата да продолжи образовниот и згрижувачкиот процес. Од друга страна пак, од СОНК порачаа дека денеска ќе биде одржана седница на која детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него. Дотогаш, од Синдикатот порачаа дека штрајкот продолжува.

– Владата формираше работна група во која се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, да отпочнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор. Во заклучоците по оваа точка е вклучено и задолжувањето за Министерството за информатичко општество и администрација да започне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор, се вели во соопштението од владината прес-служба.

По завршувањето на седницата на Владата, на Фејсбук се огласи претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој напиша дека откако ќе ги добијат заклучоците од седницата ќе биде одржана седница на Советот на СОНК, при што детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него.

– Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува, порача Неделков.

Претходно, претседателот на СОНК за МИА потврди дека разговарал телефонски со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пред почетокот на владината седница, но немало конкретен договор што би довело до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 отсто.

– За жал не. Разговорот беше во правец на попуштање на тврдото „не“ и во правец да се изнајде уште некој процент за да може ние во членството да побараме штрајкот да се стави во мирување или да се прекине. Министерот вели: Толку е и не може ни процент понатаму да се оди. Се разбира, и другите барања кои ги имаме доставено писмено до министерството, и за нив да се расправа на Влада, а тоа е усогласување на платите согласно Колективниот договор наредните две години, да се планира буџетот за 2023 и 2024 година, потпишување колективни договори со што ќе се регулираат некои прашања. Така што, не е само ова сламка на сопнување, туку имаме и други работи, рече Неделков за МИА.

И народниот правобранител, Насер Зибери вчера порача дека во ваков случај на судир на две права, предност имаат децата.

– Значи, се работи за паралелно, со Устав гарантирани права. Но во ваква ситуација, според меѓународните документи и Конвенцијата за правата на детето, во случај на судир на две права, предност треба да се даде на правата на детето, што значи не треба воспитно-образовниот процес да трпи последици, изјави Зибери.

Народниот правобранител додаде дека и порано се залагал да се подобри материјалниот статус на вработените во образовниот сектор и дека треба да се внимава на дигнитетот на наставниците и на сите вработени во образованието.

– Ова подразбира подобрување на нивната материјално-финансиска состојба. Затоа апелирав до Владата да ги продолжи преговорите со синдикатите на вработените во образованието, да се најде решение за да нема последици во образовниот процес. Правата на детето и правото на образование не смеат да трпат последици, истакна Зибери.

Министерот за образование Јетон Шаќири ги повика наставниците да ја разгледаат одлуката за прекин на штрајкот, да ја имаат предвид понудата за покачување на платите од 10 отсто и економската состојба во која се наоѓа државата.

– За оваа значајна тема ние може со претставници на СОНК и неговиот Совет секој ден да ги продолжиме преговорите, но не сакам последици да има образовниот процес. На пресот на СОНК се кажа дека членовите и дел од координаторите на СОНК во нивната комуникација кажале дека 95 отсто не прифаќаат 10 проценти покачување, а 5 проценти прифаќаат. Ако се вратиме наназад во годините, овие 10 отсто се највисок процент за покачување на платите во основното и средното образование. Но пак кажувам, не застануваме тука, имаме простор за дискусија, но секогаш да се има предвид дека овој процент во овој момент е во една многу друга ситуација зашто во претходните години немало ваква економска криза, изјави Шаќири.

Тој додаде дека нема потреба од дезинформации и демантираше дека е кажано дека нема повисоки плати во образованието поради економската криза.

Министерот посочи дека во член 8 од Законот за минимална плата е одредено дека усогласување на платите треба да има во рок од најмалку шест месеци, што значи, како што рече, дека има простор до септември, а Владата тоа го реализира побрзо.

Штрајкот во образованието започна на 11 април на национално ниво во градинките, основните и средните училишта, со неизвршување на работните задачи на работното место, сè додека не се најде соодветно решение за двете страни.