Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 април.

Денеска е Велики Четврток.

Денешниот празник е еден од базичните настани за Црквата. Сега се наоѓаме во средината на Страдалната седмица, седмица која е полна со важни настани за спасението на човекот. Во четвртокот од таа последна недела на Христовиот живот на земјата беше востановена животоносната тајна на Црквата тајната на Евхаристијата.

Таа тајна е востановена во горната соба од една ерусалимска куќа, кога Христос зеде леб, го прекрши и им подаде на учениците, т.е. на апостолите, а зеде и чаша со вино и исто така им ја подаде да пијат, со што ја најави својата смрт и таинствениот трепет што треба да го имаат учениците, зашто по неговата смрт беше јасно дека нешто ќе се случи.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Анзелмо.

Свети Анзелмо е роден во 1033 година во градот Аоста, во северниот дел на Италија. Живеел монашки живот и се одлучил да стапи во бенедиктинскиот ред. Напишал многу дела, меѓу кои најпознати се “Монологион” или Пример за размислувањето за верата, како и “Прослогион” или Верување кое бара разумно оправдување. Поради големата способност и светост станал надбискуп во местото Кантербуриј. Како надбискуп се борел против мешањето на англиските кралеви во внатрешните работи на црквата. Умрел во Кантербуриј, во 1109 година.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР: Времето за ифтар и суфур

Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:27 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 56 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.