Одлуката на Одборот за подготовка на 5. Конгрес на Новата социјалдемократска партија (НСДП) на вчерашната седница од која до медиумите беше испратена информација дека единствен кандидат за претседател, кој се очекува да биде избран на конгресот на 4 јуни, е Горан Мисовски, е надвор од Статутот и е донесена во мое отсуство, откако јас ја затворив седницата и заминав.

Ова за Нова ТВ го изјави Тито Петковски, лидер на НСДП кој 17 години ја водеше партијата и неодамна на Централниот одбор најави дека се повлекува од претседателската функција, по што почна постапка за избор на нов претседател.

Петковски вели дека постапката на дел од неговите сопартијци не само што е нестатутарна, таа не е ниту во духот на партискиот договор, односно Правилникот за постапката, начинот и критериумите за кандидирање и избор на делегати за петтиот конгрес на НСДП.

Тој вели дека за лидерската позиција на НСДП од општинските организации пристигнале предлози за 10 кандидати и дека на синоќешната седница на одборот за подготовка на конгресот не било договорено Мисовски да биде единствен кандидат. Напротив, расправата требало да продолжи на Централниот одбор, кој е највисок партиски орган и кој треба да одржи седница в сабота.

– На седницата на Одборот за подготовка на петтиот конгрес , според Статутот, ние имаме обврска само да предлагаме, но не и да утврдуваме кандидати. Тоа што како информација е испратено од седницата дека Мисовски е единствен кандидат не се случи додека јас бев на седницата. Со оглед на тоа што се разви дебата, се договоривме таа да продолжи во сабота на седницата на Централниот одбор. Изненаден сум од оваа постапка на моите партиски соработници, изјави Петковски.

Во соопштението до медиумите што претходно беше испратено на меморандум од НСДП, се вели дека за единствен кандидат за претседател на партијата бил утврден пратеникот и потпретседател на Собранието, Горан Мисовски.

Извор: Нова ТВ