Mарко КИТЕВСКИ

(Од „Македонски црковно-народен календар“)

ПРЕПОЛОВЕНИЕ (РУСА СРЕДА) – 25 дена по Велигден (во среда)

Меѓу подвижните празници и во црковниот и во народниот кален­дар значајно место има празникот Преполовение, меѓу народот познат како Руса Среда. Овој празник зависи од Велигден бидејќи се паѓа на сре­дината меѓу Велигден и Духовден, и секогаш е во среда. Затоа освен Руса Среда се вика и Преполовение што значи половина од Педесетницата, односно половина до Духовден.

Меѓу нашиот народ празникот Преполовение важи за народен праз­ник и е проследен со многу обичаи и верувања. Како да е подзаборавена црковната димензија, односно фактот дека се работи за голем Господов празник, кој води потекло уште од Стариот завет.

Имено, важноста на празникот се состои во тоа што на овој ден се празнува Христос како премудрост Божја. За тоа зборува и фактот што големите катедрални храмови што го носат името Света Софија (на пр. во Охрид, Константинопол и др.) не се посветени на некоја светица со име Софија туку на Премудроста Божја, а тоа е Исус Христос. „Нивната храмова слава била, според разни испитувања, на празникот Преполове­ние“.

Празникот Преполовение се совпаѓа со јудејскиот празник Сеници што бил третиот голем празник на Јудејците, заедно со празниците Пасха и Педесетница. „Бил востановен во сеќавање на престојувањето на Јудеј­ците во пустината, кога оделе од Египетската земја кон Ветената земја. Ако празникот Пасха бил востановен во сеќавање на преминувањето на Јудејците низ Црвеното Море, а празникот Педесетница во сеќавање на Мојсеевото искачување на Гората Синај за да го прими законот Божји, тогаш празникот Сеници бил востановен за да се сеќават Јудејците на чу­дотворното запазување од страна на Бога за сето време на нивното одење кон Ветената земја. Бил наречен Сеници поради начинот на празнување. Јудејците поставувале сеници (шатори) на плоштадите, во дворовите и во собите (терасите) на своите домови и престојувале таму за време на празникот, кој траел седум дена“.

Бидејќи се работи за пролетен празник во народното верување е поврзан со зеленилото. Во Дебарца (Охридско) не се работи и не се јаде зелено. При нашето истражување на празничните обичаи иформаторот Драгина Костеска од с. Арбиново ни рече: „Волој не прега, ќе и болеле вратојте, од јаремот. Зелено не се јаде и не се работи за да не ги боли ус­тата“.

И Марко Цепенков запишал дека на Руса Среда не чинело да се јади нешто зелено како спанаќ, коприви и др. „за да не те фати блусница (устоболие).“ На друго место М. Цепенков уште забелешал: „На Руса Среда (Преполовение) нефела да се роди нешто за да не фаќа болценица (устоболие).“

Ефтим Спространов во своите описи на обичаите од Охрид забеле­жал дека во Охрид на „Русʼлна стреда“ како што ја вика тој, не јаделе зе­лено (зарзават, овоштија и др.), а во Битола ја празнувале жените за да не страдаат при раѓањето. Спространов вели дека „кај нас никаков спомен не е зачуван за русалки или русалии“. „Русална стреда се вика стредата на неделата што се паѓа токму на половина меѓу Велигден и Духовден“, вели Спространов.

Во Гевгелиско жените не работеле особено оние со мали деца, за да не добијат рани по главите, а и не се чешлале, не се ми­еле глава и не се стрижеле.

Во врска со овој ден К. Шапкарев запишал дека „болните од некоја немоќ, особено од хронична, одат по разни леко­вити води и се мијат (се посипуваат) за здравје.“

Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека на овој празник се изведувал обичајот „Додоле“ за измолување дожд. „На Руса Среда момите отберват една од меѓу себе, и над рутиштата од глава до нозе ја опашват со секакви треви на пр. од боз и др. и ходат по куќите пејеештем. „Отлетала пеперуга, ој љуље ој!“ Кога стигнат под некој про­зорец (пенџера) от озгора туривает вода на опасаната со тревје. Влегвет во куќите и тркаљает сито, кое ако паднит ничкум, во таја куќа ќе бидит скʼпиа, ако паднит инаку плодородје. Во секоја кʼшта, им давает брашно, или нешто друго, а за ручек со собраните направјет гозба, на која пејет и играјет. Това се викат Ој-љуле. И кога нејој се (или некого) изводенит, се велит: се (или го) направих Ој-љуле.“

Овој обичај го потврдува и Драги Стефанија во еден запис од поново време: „Ој љуле. Во Струга се прае­ше овој обичај. По Велигден 25 дена, тоа е половина Педесетница, ќе се соберевне деца и некое сиромашко ќе го облечее во зеленило и ќе одеше од куќа в куќа, ќе му пееја песмава“.

И во еден запис објавен во цари­градскиот весник „Новини“ од 1894 година се вели дека во струшкото село Мислешево на Руса-среда (преполовение) носеле крсти низ полето,

 

 

 

односно низ синорот„креват крсти“ како што стои во оваа дописка. Како што стои во ова сведоштво тој ден се празнувал како Велигден, се собира­ле гости од другите села, како што на други места се правеле соборите.

 

И во Скопската Котлина на Руса Среда не се орало поради стока­та, за воловите да не ги болаеле вратовите од јаремот (Мирковци). Општ обичај како што сведочи М. С. Филиповиќ бил жените на овој ден да берат ума за миење глава.

 

И повеќе свети води се поврзани со празникот Руса Среда. Најчесто се среќаваат под името Света Руса.

 

Како и да е овој ден има големо значење во животот на нашиот човек. Црквата го празнува со црковни служби како црковен празник, а пак народот со свои обичаи и верувања го издигнува на ниво на народен празник.