Конфедерацијата на европските синдикати бараат Европската комисија целосно да ги укине буџетските правила за штедење, повикува на покачување на платите поради кризата, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската комисија денеска соопшти дека ја пролонгира суспензијата на буџетските правила за долгот и дефицитот за земјите членки поради војната во Украина и инфлацијата што ја предизвика оваа војна. Правилата првично беа суспендирани поради кризата со Ковид-19.
Сепак Комисијата остана на ставот дека кога ќе завршат кризите, земјите треба да им се навратат на буџетски правила.
Конфедерацијата на европски синдикати ја поздрави одлуката да се продолжи суспензијата, но бара правилата целосно да се укинат.
Синдикатите потсетуваат дека милиони луѓе во Европа не можат да ги платат своите сметки на крајот од месецот поради акумулацијата на кризи.
– Комисијата греши кога повикува некои земји веднаш да го ограничат нивното трошење, ваков чекор само ризикува да ја продлабочи економската криза и социјалните проблеми. Има итна потреба од покачување на платите за да се одржи внатрешната побарувачка и инклузивниот раст, и да се намалат последиците од двојната криза врз работниците и домаќинствата, изјави генералниот секретар на Конфедерацијата, Лука Висентини.
Откажувањето од буџетските мерки на штедење ќе им овозможи на земјите да преземат мерки за ублажување на кризата и зголемените цени на енергијата како и да се забрзаат инвестициите во зелените извори на енергија за да се намали зависноста од Русија, оценуваат европските синдикати.
– Фактот дека дополнителна суспензија на клаузулата е потребна уште еднаш покажува дека економските правила на ЕУ не се соодветни за целта и бараат реформа за да се заменат застарените и арбитрарни правила со постојани про-инвестициски политики во корист на луѓето и на планетата, бараат синдикатите ширум Европа.
Конфедерацијата бара исто така од Европската Комисија поголема поддршка за работниците и бизнисите. За синдикатите итните мерки на Комисијата не се доволни и потребен структуриран дијалог со застапниците на работниците за да се надмине кризата на праведен начин.