Измените на повеќе закони денеска добиле зелено светло на владина седница, а сега треба да бидат усвоени и од пратениците. За вработените во службите во правосудството се овозможува усогласување со минималната плата и скалесто покачување на останатите плати
Владата денеска усвоила неколку законски измени со кои се овозможува зголемување на платите и усогласување со растот на минималната плата на јавните обвинители и вработените во судските и јавнообвинителските служби.
Станува збор за измени и дополнувања на: Законот за плати на јавните обвинители; Законот за судска служба; Законот за јавнообвинителска служба; и Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија.
Сите законски измени, велат од Владата, ќе се достават до Собранието на усвојување.
Со измените за платите на јавни обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, како што велат од Владата, целта е надградување на системот за плати кој ќе биде соодветен на значењето и угледот на функцијата кои ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност.
Законските измени за вработените во судската и јавнообвинителската служба, пак, треба да овозможат воспоставување на ист износ на минималната плата и скалесто усогласување на останатите плати. Но, додаваат од Владата, и обезбедување на континуитет на промените на платите и во иднина.
Во рамки на овие усогласување, потенцираат од владината прес-служба, се врши и зголемување на платите во судската и обвинителската служба за 15 отсто.