Еден од трговските трикови за да се „затскрие“ поскапувањето на разни производи, цената може да се зголеми или да остане иста, но се намалува количината во пакувањето.
Вакви трикови се применуваат кај масло, шеќер, сол, пиво, чоколади итн.
Германски весник Билд пишува дека покрај тоа што многу производи поскапуваат, се намалува и нивната количина во пакувањата.
Тоа значи дека клиентите сега плаќаат „повеќе за помалку“.
– Потрошувачите всушност се двапати ограбени, предупредуваат германските центри за потрошувачи.
Економистот Гунтер Шнабл од Универзитетот во Лајпциг наведува дека производителите се обидуваат да ја сокријат инфлацијата и затоа нудат помали тежини во пакувањето. Ги предупредува потрошувачите да внимаваат на тежината.
– Многу производители користат поевтини состојки, ги менуваат рецептите и го намалуваат квалитетот на производите. На потрошувачите ќе им биде уште потешко да го препознаат ова, вели Шнабл во Билд.
Тој даде и еден пример и рече дека во чоколадните производи се користи повеќе млеко во прав отколку какао.
Билд напиша неколку примери на производи кои имаат повисока цена и помала тежина. Еден од нив е чипсот „Принглс“, кој порано чинел 2,59 евра и тежел 200 грама, а сега чини 2,79 евра и тежи 185 грама. Пакетот таблети за машина за миење садови „Сомат Класик“ сега содржи само 77 таблети, во споредба со 82 претходно.
Цената на преработеното сирење Микана беше 1,99 евра, додека сега чини 2,29 евра. Покрај тоа, пакувањето е помало за 10 грама, пишува Билд.
Слични или идентични трикови се употребуваат и кај нас, со намалување на шишето за масло или пиво, кое наликува на тоа што сме навикнале, а сепак во него има помала количина од производот. Или „килограм“ шеќер со 900 грама во пакувањето, слично со сол, чоколади итн.
Сличен трговски трик порано се користеше и со „помалку цигари во кутијата за иста цена на пакувањето“.