Во 12 градинки воспитувачките и другите вработени се уште ги немаат земено априлските плати. Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска вели дека никому нема да му се скратат платите за периодот додека штрајкувале, туку проблемот е во новиот колективен договор. Платите се доставени по стариот договор, па се вратени на корекција, објаснува таа.
Министерката за труд најави дека ќе ја добијат следната недела, односно почетокот на јуни. Но, на тие кои штрајкуваа, ќе им биде исплатено помалку. На негувателките околу 2,000, на воспитувачките речиси 4,000 денари. Овие пари, според првиот човек на СОНК, ќе им бидат вратени следниот месец, односно со платата за мај.
Тренчевска беше прашана и за генералниот штрајк што го најавува ССМ за во понеделник. Таа рече дека дијалогот продолжува и дека не бегаат од ветеното.