Министерството за одбрана 14 пати му исплатило на универзитетскиот професорот по етика, Темелко Ристески по 30.000 денари, двапати по 45.000 денари, трипати по 15.000 денари, еднаш 20.460 денари.
Професорот Ристески за Призма ја потврди автентичноста на извештајот што деновиве се појави на социјалните мрежи, а во кој тој до државниот секретар на Министерството за одбрана реферира што сработил во јули 2020 година.
Тој вели дека бил ангажиран со договор за дело во текот на 2019 и на 2020 година, како советник за правни работи за стратегиски одбранбен преглед, за што поднел извештај до надлежното министерство.
Но, покрај тоа што била побарана неговата стручност, во областа на правото и на одбраната, Ристески во извештајот до Министерството за одбрана ги навел и неговите активности на социјалните мрежи, кои се однесуваат на неговата поддршка до коалицијата „Можеме“, предводена од владејачката СДСМ, на тогашните предвремени парламентарни избори.
Во извештајот, Ристески наведува дека активно ја следел изборната кампања, дека напишал десет објави на Фејсбук за поддршка на коалицијата „Можеме“, дека напишал две агитациони писма за поддршка на коалицијата, кои биле објавени на фејсбук-страницата на Партијата на пензионерите, а и дека имал и телефонски и лични контакти со претседателот на истата партија, за поддршка на владејачката коалиција.
Ристески, во разговор за БИРН, нагласува дека има „уставно право да има свои лични уверувања“ и дека тоа што го напишал е согласно таквите уверувања.
– Јас не кријам дека имам симпатии кон социјалдемократијата – изјавил професорот.
Ристески е дециден дека „добиените пари од Министерството се исклучиво за стручно сработеното“, кое е содржано во првите две точки наведени во извештајот.
Во нив професорот објаснува за активностите и контактите поврзани со законите за одбрана и за служба во армијата. За следните четири точки вели „мислев дека не е лошо да ги споменам“.
Според податоците објавени на трезор, Министерството за одбрана 14 пати му исплатило на професорот Ристески по 30.000 денари, двапати по 45.000 денари, трипати по 15.000 денари, еднаш 20.460 денари. Вкупно за двете години ангажман под конто други „договорни услуги“, Министерството за одбрана на професорот му исплатило 577.140 денари или 9.384 евра. Последната исплата е во јануари 2021 година.