Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас денеска ја продолжува турнејата на Западен Балкан и ќе биде во посета на Белград, каде што ќе одржи низа средби со српскиот државен врв, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас утрово ќе биде примен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а потоа ќе се сретне со шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ и со претседателот на Собранието, Ивица Дачиќ.
Од грчкото МНР соопштија дека посетата е во рамките на турнејата на Западен Балкан на министерот за надворешни работи во пресрет на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што ќе се одржи на 10 јуни во Солун.
Додаваат дека освен подготовките за Самитот, на средбите во Белград се очекува да стане збор за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, безбедноста и стабилноста во регионот, дополнителното зајакнување на билатералните односи во сите области, како и за пошироките регионални случувања, вклучително и ситуацијата во Украина по руската инвазија.
Шефот на грчката дипломатија минатата седмица ја започна балканската турнеја со посети на Албанија и Северна Македонија, во вторникот беше во Босна и Херцеговина, а следната седмица, во вторник и в среда ќе биде во посета на Црна Гора и Косово.
Следниот петок, на 10 јуни, како што веќе има објавено МИА, во Солун ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и Самит на високо ниво со што ќе се означи крајот на грчкото претседателство со ПСЈИЕ.