„По однос на пријавените шпекулации за употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации, Министерството за надворешни работи на Република … Македонија информира дека единствениот референтен документ на Организацијата на Обединетите Нации за главните обележја и податоци за земјите е UNTERM (кратко од UN Terminology).
Во него се дадени основните информации за секоја земја: официјалното име, кратко име, јазик на држава, назив на валута, ISO кодовите и др. (подолу линкот на UNTERM со официјалните податоци за … Македонија).
Секретаријатот на ООН, како и сите негови тела е обврзан да се придржува и да ги почитува податоците изнесени во истиот (UNTERM). Вработените во Секретаријатот на ОН немаат надлежност за толкување на вакви прашања. Секретаријатот на ОН раководи и има надлежност во менаџирањето на прашањата околу употребата на 6-те официјални јазици на Организацијата (англиски, француски, шпански, арапски, кинески и руски).
Постојаната Мисија на … Македонија при ОН во Њујорк, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН, и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации.
Согласно појавениот интерес на јавноста, нашата мисија во Њујорк стапи во контакт со претставници на Секретаријатот, од каде дополнително и официјално ни беше потврдена важечката пракса и регулатива преку која категорично ги отфрлаат сите шпекулации изнесени во медиумите за наводна „внатрешна инструкција во ООН за начинот на користење на терминот – Македонски јазик“.
Оттука сакаме да посочиме дека пријавените информации претставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста, и не одат во прилог на интересите на … Македонија.
Линкот на UNTERM за личната карта на земјата е секогаш достапен он-лајн и на него може да пристапи секој.
Линк: https://unterm.un.org/UNTERM/Display/Record/UNHQ/NA/1c98d616-3b6a-4d15-a7cb-f88c7f988b83
Неименувани извори за „Нова Македонија“ од ОН алармирале дека во инструкцијата до службите на Секретаријатот се вели дека мора да се „избегнува“ терминот „македонски јазик“, во согласност со општиот став дека терминот „Македонија“ и сите деривати од овој термин не смеат да се употребуваат.
Истите извори наведуваат дека без оглед што на официјалната страница на ОН сè уште пишува „македонски јазик“, во тек е постепено елиминирање на сите деривати произлезени од терминот „Македонија“, вклучувајќи и на јазикот, без оглед што тој во ОН како таков е признаен многу одамна.
Понатаму се додава дека од оваа година категоријата „македонски јазик“ ќе се користи за „антички македонски јазик“, за што веќе Грците прават напори да ги убедат ОН дека станува збор за дијалект на античкиот грчки јазик, се наведува во текстот на Нова Македонија.