Македонската фудбалска репрезентција вечерва во Скопје загуби со убедливи 0-3 од Грузија во рамки на 3.коло во Лигата на нации.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски добија фудбалска лекција во второто полувреме и по се изгледа ги загубија шансите за првото место во групата 4 од Лигата Ц, кое носи место во баражот за пласман на Европското првенство во 2024 година.
По првиот дел немаше голови на арената „Тодор Проески“, но во вториот дел гостите буквално не разнесоа, докажувајќи дека Милевски беше во право кога тврдеше дека ова е некоја нова Грузија, различна од онаа која ја победивме со 1:0 и обезбедивме пласман на ЕУРО 2020.
Првиот гол за Грузија го постигна Зивзивадзе во 52.минута.
Кваратскелија со гол од далечина зголеми на 0-2 десет минути подоцна.
Конечниот резултат го постави Китеишвили во 84.минута од натпреварот.
По три одиграни кола Грузија има максимални 9 бода, Македонија е втора со четири, додека Бугарија има два, откако вечерва се посрами одигрувајќи 1.1 со Гибралтар. Аутсајдерот во нашата група го освои првиот бод, но и натаму останува на дното.
Во недела, Македонија повторно игра во Скопје и го пречекува Гибралтар во рамки на 4.коло.