ПРАЗНИК НА СВЕТИОТ ДУХ И НА ОСНОВАЊЕТО НА ХРИСТИЈАНСКАТА ЦРКВА
Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педестница итн. Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.
Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.
Марко КИТЕВСКИ
(Од „Македонски црковно-народен календар“)
Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци. Саботата меѓу народот е позната и под името „Мртва сабота“.
Овој ден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница, заедно со празникот Преполовение се единствените што имаат основа во Стариот завет. Евреите го празнувале Пасха како ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, а празникот Педесетница го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги подарил законите на Мојсие во Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на светиот Дух на апостолите.
Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, кого го избрале со коцка од учениците Христови, за нивниот број пак да биде дванаесет. Околу 9 часот наутро одеднаш се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде што се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што, всушност, го претставуваат Светиот Дух.
По овој настан апостолите започнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил светиот апостол Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие луѓе не се пијани туку се исполнети со Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3000 луѓе.
Овој настан во Светото писмо поточно во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ вака е опишан: „Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени и застанаа по еден над секого од нив. И се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. (…) Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“ А други потсмевајќи се велеа: „Се напиле со слатко вино“. Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци, и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови: овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но тоа е претскажано преку пророкот Јоил: И ете во последните дни, рече Бог ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа; и во тие дни врз слугите Мои ќе излејам од Мојот Дух и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв и оган и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.“ (Дела 2/1-21)
Со ова се исполниле зборовите на Св. Јован Крстител кој подготвувајќи го народот за доаѓањето на Исус Христос, повикувајќи ги луѓето на покајание и крштевајќи ги им зборувал: „Јас ве крштевам со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.“ (Матеј 3/11) Ако во Стариот завет Светиот Дух бил испраќан врз одбрани личности, пророци, во Новиот завет тој според пророкот Јоил требало да биде излеан врз целиот народ. „И ете по тоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот…“ (Јоил, 2/28)
Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.
Празникот Духовден спаѓа во дванаесетте големи христијански празници и е „последниот празник од Божјиот домострој. Христовото вочовечување за цел ја имаше победата над смртта и доаѓањето на Пресветиот Дух во срцето на луѓето. Впрочем, познато е дека цел на црковниот и духовниот живот е да станеме членови на телото Христово и да Го примиме Светиот Дух. Овие две нешта се нераскинливо поврзани.“