Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, оствари телефонски разговор со министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, на која, како што информираат, било разговарано за надворешно-политичките и безбедносните приоритети на двете земји, европската перспектива на Македонија, апликацијата за членство на Шведска во НАТО, како и за актуелните меѓународни предизвици во променетиот геополитички контекст.
Османи, како што информираат од неговиот кабинет, се заблагодарил за шведската континуирана посветеност на процесот на проширување на ЕУ и принципиелниот став на Шведска дека одлуката на Советот на ЕУ од март 2020 година, во однос на отворањето на пристапните преговори со Македонија, треба да се спроведе што е можно поскоро. Воедно, изразил благодарност за континуираната развојна соработка и поддршка од Шведска во споделување искуства и зајакнување на капацитетите на институциите на нашата држава, особено на полето на демократијата, владеењето на правото, човековите права, родовата еднаквост, климатските активности, заштитата на екосистемите, инклузивниот економски развој.
Министерот Османи, исто така, истакнал дека Македонија, како најнова членка на НАТО, е силен поборник за политиката на отворени врати на Алијансата, заснована на заслуги и за правото на секоја нација да избира или да ги менува сопствените безбедносни аранжмани, вклучително и нивниот надворешно-политички курс.