Со оглед на присвојувањето на св. Кирил и Методиј, а оттука и на св. Климент и Наум од страна на бугарската историја, сето тоа поврзано со негирањето на македонскиот јазик како јазик што има историски корен (оттука и „македонски јазик 2“ во францускиот предлог), во неколку продолженија, ексклузивно ќе го објавиме овој најнов научен труд на проф. Атанасовски, експерт за периодот што го засега оваа материја.
Денеска го објавуваме второто продолжение
Пишува: Проф. д-р Александар АТАНАСОВСКИ
Во 845 година Бугарите склучиле договор со германскиот владетел, а Византија за да ги обезбеди пристапните патишта кон Солун и да и парира на Бугарија го назначила Методиј за кнез на Словените по Струма и Брегалница. Затоа во право е А. Гилфердинг кога заклучил дека:
„Методиј во продолжение на многу години бил началник на еден дел од Македонија, имено тој дел кој што по своето исклучиво словенско население се нарекувал во тоа време Славинија (Склавинија)“ и дека „тоа бил северо-источниот дел на Македонија во кој се наоѓала и Брегалничката област“ .
Дека Методиевото словенско кнежевство се простирало во струмичко-брегалничките краишта врз база на археолошките резултати од ископувањата во локалитетот Баргала-Брегалница и Крупиште, се изјаснила и археологот Блага Алексова.
Главната задача која требало да ја изврши Методиј како управител на „словенското кнежевство“ во полза на византискиот двор била да ги зајакне византиските позиции во Североисточна Македонија која станала објект на зачестените бугарски напади и завладувања, а исто така да ги придобие Словените на своја страна за да може да парира на Бугарско-германскиот сојуз. Но, Методиј се соочил со нискиот морал и недисциплината на нерегуларната словенска војска. Сакајќи да го зацврсти моралот и дисциплината го составил „Законот за судење на луѓето“ , на словенски јазик, но со грчки букви, но Словените од неговото кнежевство не ги познавале грчките букви поради што Законот не наишол на широка примена.
За да се олесни работата од византиската влада на помош на Методиј бил испратен брат му Константин – Кирил, кој што со помош на Методиј ја составиле (изнашле) словенската азбука (глаголицата) 855 година и напишале книги на словенски јазик .
Во однос на времето кога го управувал словенското кнежевство, исто така се искажани различни гледишта, при што истражувачите тргнувале од податокот дека Методиј кога бил на 20 години бил назначен да го управува тоа кнежевство. Оттука истражувачите во зависност од тоа која година ја прифаќаат како година на раѓањето на Методиј, така го определуваат и времето на управување т.с 830-835, 843-845 до 855 година. Како најприфатливо гледиште се смета тоа дека Методиј го управувал кнежевството од средината на 40-те до средината на 50-тите години на IX т.с. 845 до 855 година, што се совпаѓа со историските настани, како што е бугарско-германскиот договор од 845 година, кој што и најмногу влијаел на одлуката на византиската влада да му додели на Методиј словенско кнежевство, за да може на тој начин Византија да парира на германско-бугарскиот договор.
Прекинот на управничката дејност се доведува во врска со паѓањето на тие краишта под бугарска власт 852-864 година, а бидејќи азбуката била создадена во 855 година , таа година се смета и за крај на дејноста на Константин-Кирил и Методиј во Македонија . Во 852 година дошло да нарушување на бугарско-германскиот договор и до меѓусебна војна, која што завршила со нов договор за мир во истата година, после што бугарскиот владетел можел да се посвети на војната со Византија
По прашањето: која азбука ја создале Константин-Кирил и Методиј и на чиј јазик ги превеле книгите скоро сите современи извори и познавачите на кирило-методиевската проблематика се едногласни: ја создале словенската азбука, за Словените кои што порано немале букви туку со црти и рески читале и гатале. Впрочем тоа многу јасно се гледа од исказот на Црноризец Храбар кога вели дека… „порано Словените немале писмо, туку со црти и решки броеле и гатале, зошто беа пагани… Потоа човекољубец Бог…смилувајќи се на родот словенски, го прати Константин Филозоф, наречен Кирил, маж праведен и вистинољубив, којшто им создаде триесет и осум букви“. И понатаму „ако ги прашаш словенските писмени луѓе: кој ви ги создал буквите или кој ви ги превел книгите? –тоа сите го знаат и ќе ви одговорат: свети Константин Филозоф, наречен Кирил, тој нам буквите ни ги создаде и книгите ни ги преведе и Методиј, брат му негов“.
Во сите зачувани преписи на Житието на Константин–Кирил во насловот стои „Житие и живот на блажениот учител наш Константин Филозоф, првиот наставник (учител) на словенскиот народ (словенскиот јазик)“. Во Кириловото житие на неколку места се вели дека Кирил ја создал словенската азбука (ги изнашол словенските букви) и ги превел светите книги на словенски јазик. Византискиот император Михаил III во одговорот на писмото на моравскиот кнез Ростислав вели… „изнајде букви на ваш јазик“, а во расправата со тријазичниците во Венеција, тие го прекорувале Кирил со зборовите „човече како тоа ти си им создал на Словените книги“.
За време на престојот во Рим, папата Адријан II ги „посветил словенските книги“ . Бидејќи потекнувале од Солун Константин и Методиј најдобро го знаеле јазикот на Словените од околината на тој град, па во основата на словенскиот јазик влегол говорот, односно јазикот, на Словените од околината на Солун, што ќе рече дека не станува збор за никаков „бугарски јазик“, за каков денес се обидуваат да докажат некои бугарски истражувачи, а пред се политичари, туку за словенскиот јазик.
Годината на создавањето на словенската азбука (855) ја прифаќаат и бугарските историчари, само што не го прифаќаат местото на нејзиното создавање, според нив тоа било во манастирот Полихрон во Мала Азија. Историските и археолошките податоци зборуваат во прилог на тезата дека азбуката е создадена за потребите на Словените кои што ги управувал Методиј 10 години, а по повлекувањето од кнежевството Методиј продолжил да работи на преводот на светите книги на словенски, а не на „бугарски“ јазик. Во 855 година во бугарската држава се користел грчкиот јазик и писмо. Имајќи го тоа во предвит категорички го отфрламе гледиштето дека Кирил и Методиј ја создале „бугарската„ азбука и ги превеле книгите на „бугарски„ јазик. Бугарските учени се повикуваат на веста од „Синодикот на цар Борил“ од почетокот на XIII век, каде што стои дека Кирил го превел божјото писание од грчки на бугарски јазик“ , но, како што посочив изворот е од 13 век и е далеку од настаните.
Развојот на писмената култура во Источна Бугарија до 971 година, го опфаќа периодот од создавањето на Првата бугарска држава (681 год.) до освојувањето на Преслав престолнината на Источна Бугарија од војските на императорот Јован I Цимиски (971 г.). Во историјата на источнобугарската писменост во посочениот период се дели на пет етапи. Првата 680 – 864 година, времето на постоењето на паганската држава. Првото бугарско царство се појавило како паганска бугарско-словенска држава со престолнина во градот Плиска. Населението на државата било етнички разнородно и се состоело во основа од носителите на словенските и турските (протобугарските) дијалекти . Во односите со соседна Византија бугарските владетели биле принудени да го користат грчкиот јазик и писмо. За писмената култура на паганска Бугарија може да се суди по зачуваните протобугарски натписи (турски по јазик), направени со старотурски руни и грчко писмо, а исто така по епиграфските споменици на грчки јазик. Словенски натписи од тоа време отсуствуваат.
Во втората половина на IX век бугарската држава значително се проширила во западен правец, како резултат на што во нејзиниот состав влегле замји со претежно христијанско население, во тоа време веќе владеено од сопствена црковна организација , областа на горното течение на балканската река Морава (852 г.) и Западна Македонија, вклучително и реонот на Охридското езеро (околу 864 г.). После тие територијални придобивки бугарскиот хан Борис донел конечно решение, забрзано од поразот на неговата војска од Византија, за официјално покрстување на државата. Во текот на тие настани во западниот дел на Бугарија веќе постоеле цркви со богослужба на грчки јазик, иако местната црковна организација дејствувала независно од врховната власт на сеуште паганската држава.
Вториот период е од 864 – 886 година, од покрстувањето на државата до доаѓањето на учениците на Кирил и Методиј. Примањето на христијанството во 864 година како официјална државна религија требало да овозможи консолидација на бугарското општество, надминување на етничките разлики меѓу Словените и Протобугарите и формирање на една бугарска народност. Пристигнувајќи во Бугарија византиските свештеници го крстиле Борис и неговите блиски . Борис потоа развил активна дејност, изградил цркви по својата земја и по целата држава прозвучела литургија на грчки јазик. Покрстувањето на Бугарија било реализирано од византиски свештеници затоа бугарската книжевност од самиот почеток била на грчки јазик. Таа положба конечно се утврдила после Константинополскиот собор 869/870 година, донесувајќи го решението за потчинување на бугарската црква на Константинополскиот патријарх. Во пределот на книжевната сфера паралелно со грчката епиграфика во Бугарија продолжиле да се создаваат натписи на протобугарски јазик (рунично и грчко писмо).
После воведувањето во Бугарија на грчката богослужба кнез Борис-Михаил разбрал дека доминирачката положба на грчкиот јазик и писменост во однос со територијалната близина со Византија претставувало реална опасност за неговата држава. Понатамошниот развој на наметнатата тенденција можела да доведе до постепена елинизација на бугарското општество и преку неа кон оневозможување на државната самостојност на Бугарија. Противдејство на таа тенденција било можно само преку утврдување на позициите на еден од месните јазици во Бугарија – турско-бугарскиот или словенскиот. Видливото преовладување на словенското население во многу реони на државата, делимичната словенизација на протобугарската елита и не помалку важно, поголемиот степен на христијанизацијата на Словените во споредба со протобугарите, кнезот Борис од самиот почеток бил склон кон словенската варијанта и затоа со интерес ја следел дејноста на архиепископот Методиј и развојот на старословенската писменост во соседна Панонија.
(Продолжува утре)