Македонија ќе чека нов предлог од француското претседателство откако бугарскиот парлaмент донесе одлука за кревање на ветото за Македонија со нивните услови за преговарачката рамка, но и откако синоќа Македонија ги исцрта своите позиции.
Во однос на македонскиот јазик, прифатлив е францускиот предлог: Во преговарачката рамка да стои македонски јазик, додека пак, двете страни Бугарија и Македонија да дадат изјави по однос на јазикот во заклучоците на Европскиот совет. Овие изјави ќе се еднократни, ќе немаат правна важност за Унијата, но нивната содржина се уште не е дефинирана, појаснува Османи.
Османи и Маричиќ појаснуваат дека спроведувањето на Договорот на добрососедство е споменато во преговарачката рамка и нема потреба од вметнувањето на протоколот за негово спроведување бидејки Бугарија добива политичка сила да ги искористи овие билатерални прашања, како што се историските, за забелешки околу исполнувањето на евроинтеграциските услови.
За Македонија е прифатливо Бугарите да се вметнат во преамбулата на Уставот, но по почетокот на преговорите, а не претходно. Со тоа Бугарите добиваат можност еднакво да ги користат сите малцински права што ги уживаат помалите етнички заедници во државата.
Сумирано, условите на северните министри се дека јазикот, историските прашања надвор од рамката и одредувањето кога да се направат уставните измени се клучните македонски црвени линии, кои ќе одредат дали е прифатлива конечната усогласена верзија на францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за преговарачкиот процес на земјава со ЕУ.
Иако стравуваат дека процесот може да биде закочен, Османи и Маричиќ велат дека ЕУ останува приоритет.
За новите предлози за преговарачката рамка Османи и Маричиќ велат дека ќе бидат запознаени сите политички фактори во државата, но нагласуваат дека доколку новите понуди се во рамките на веќе донесената Резолуција во Собранието нема да има потреба од нова верификација на предлогот од страна на пратениците.