Сириската опозиција и другите антивладини групи денеска го завршија повлекувањето на тешкото оружје од линијата на фронтот во Идлиб, северозападна Сирија.
Извор од опозициските редови информира дека опозицијата деновиве работела на повлекувањето на оружјето, вклучувајќи ги и ракетните лансери Град, минофрлачи и ракети со среден дострел.
Во меѓувреме, турските сили испратија оружје и оклопни возила во демилитаризираната зона за да се подготват за патроли со руските сили, согласно договорот склучен меѓу двете земји.
Извори од организацијата „Бели шлемови“ истакнаа дека тројца цивили се убиени при напади од провладините сили во подрачјето на Идлиб.
По состанокот на турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, и неговиот руски колега, Владимир Путин, во рускиот град Сочи минатиот месец, двете земји се согласија да се формира демилитаризирана зона во Идлиб, последното упориште на опозицијата во Сирија.
Анкара и Москва, исто така, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се повикува на стабилизирање на ситуацијата во зоната без судири во Идлиб.
Во рамките на Договорот, опозициските групи во Идлиб ќе останат во областите во кои се веќе присутни, додека Турција и Русија ќе спроведуваат заеднички патроли во областите, со цел спречување повторни судири.