Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот беше фатен како му открива лоши вести на својот американски колега Џо Бајден на маргините на самитот на Г7, јавува Њузвик. Макрон му рекол на Бајден дека владетелот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал Најан, го информирал дека најголемите извозници на нафта од ОПЕК веќе се на максимум од своето производство.
Имав повик од МБЗ – му вели Макрон на Бајден, мислејќи на Мохамед бин Зајед.
Ми кажа две работи. Јас сум на максимум ( од производствениот капацитет). Така ми вика. А потоа рече дека Саудијците можат да зголемат за 150 (илјада барели дневно). Можеби малку повеќе, но тие немаат огромни капацитети пред да поминат уште шест месеци – додава францускиот претседател.
На видеото реагираше министерот за енергетика на ОАЕ, кој изјави дека неговата земја произведува „блиску“ до својот максимален капацитет. Но, тој всушност само ги потврди тврдењата на Макрон.
„Во светло на неодамнешните медиумски извештаи, би сакал да појаснам дека ОАЕ произведуваат блиску до нашиот максимален производствен капацитет врз основа на нивната сегашна производна линија ОПЕК +“, напиша на Твитер Сухаил бин Мохамед ал Мазруи.
Порталот Блумберг, од друга страна напиша дека тврдењата на Макрон се во спротивност со официјалните податоци. Доколку се вистинити, пишува Блумберг, тие ќе донесат предизвици на глобалниот пазар во светлината на бојкотот на руската нафта како одговор на руско-украинскиот конфликт.
Цените на нафтата постојано се зголемуваат во последниве години, делумно поради зголемената побарувачка и недостигот на понуда поради ограничувањата на производството на нафта. Војната дополнително ги зголеми, но ден пред нападот тие веќе се зголемија за 55 отсто, што значи за половина повеќе, истакнува „Јаху њуз“.
Американскиот претседател во јули треба да го посети престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, како дел од патувањето на Блискиот Исток. Посетата се смета за контроверзна затоа што Бајден претходно вети дека ќе ја направи Саудиска Арабија да биде „прогонета во светот“ поради тоа што саудискиот принц е наводно одговорен за убиството на новинарот Џамал Кашоги во 2018 година во Истанбул.
Оригиналниот текст и видеото може да ги погледнете на овој ЛИНК.