И ние светот го разбираме единствено како поле за културен натпревар помеѓу народите е мотото на битолскиот Ансамбл за фолклор, „Гоце Делчев, чии тогашни играорци, на денешен ден пред 15 години, одиграа протестно оро пред Амбасадата на Велика Британија во Скопје.
Тие што светот го разбираат како поле за културно натпреварување, откако добиле покана за настап на фестивал во Велика Британија, но не и визи за патување, кои тогаш беа неопходни, на 6 јули 2005 година во Скопје протстираа на културен начин. Играорците направија концерт пред британската амбасада во знак на протест поради недобивањето на визи за настап на меѓународниот фолклорен фестивал во градот Ланголен.
Другиот ден, на 7 јули 2005 година, дневните весници пишуваа за овој скандал. Еве некои од насловите кои беа објавени: „Наместо сплет во Велс, протестно оро пред британската амбасада“;„За играорците ниту визи, ниту сори“; „Протести со ора и песни“; „Наместо на фестивал во Велс играорците на протест“; „Протестно оро пред Британците“ итн.
Весникот „Дневник“ на 7 јули 2005 година пишува за настанот пред амбасадата:
„Игроорците од битолското КУД „Гоце Делчев“ вчера со оро и песна протестираа пред британската амбасада во Скопје поради понижувачкиот однос на службениците во Амбасадата кон членовите на друштвото при вадењето визи. Нивната намера беше да побараат извинување од британскиот амбасадор. Амбасадорот Роберт Диксон вчера пред новинарите рече дека нема за што да се извинуваат. Претседателот на ансамблот Стевче Пресилски изјави дека се решиле на ваков културен протест бидејќи нивните членови кои побарале визи за да учествуваат на фолклорниот фестивал Ленголенд, биле натерани на високи температури да играат оро пред британската амбасада, биле понижувани со непристојни прашања и не ги добиле бараните 35 визи“, пишува Дневник.
Но, и по проверката од амбасадата „дали се навистина фолклористи и играорци“ не ги добиле визите, па претседателот Пресилски објаснува:
„Ние сме ансамбл со 22-годишно искуство и познати насекаде. Но, не можеме да настапиме на фестивалот Ленголенд без дел од главните музичари и без главниот кореограф кои не добија визи – рече Пресилски, барајќи извинување од британскиот амбасадор. Тој објасни дека се собрале пред британската амбасада токму на денот кога требало да учествуваат на фестивалот. Амбасадорот Диксон вчера во Собранието изјави дека не знае што се случува пред амбасадата бидејќи не бил таму неколку часа, но ќе видел подоцна“, пишува во текстот за настанот.
„Службеникот за визи се обидуваше да биде од помош тој жежок ден кога просторијата каде што се чека била преполна… Мене ми е жал што групата реши да не патува – објасни британскиот амбасадор. Сепак, Диксон вели дека не мисли оти има нешто за што треба да се извинат бидејќи се обидувале да бидат од помош на прагматичен и брз начин и жалат за одлуката на игроорците да не патуваат во Велс, иако повеќето добиле визи“, пишува Дневник за случајот.
Натаму во текстот пишува:
„По 40-минутниот културен протест пред амбасадата, Пресилски бил примен од службите на амбасадата, на нивно барање. Пресилски не добил извинување, но заменикот-амбасадор Даг Греј му рекол оти `жалат што игроорците не се во Велс, туку во амбасадата во Скопје`. Британците ветиле дека ќе се заложат ансамблот да ги добие визите за наредниот фестивал во Велс, идната година“, пишува весникот.
Хроничарот на ансамблот „Гоце Делчев“ од Битола запишал дека неговите почетоци се во 1983 година, кога бил основан од Зружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Овој фолклорен ансамбл по својот квалитет и репертоар е уникатен и еден од најнаградуваните ансамбли од Македонија.
– Оддавајќи се на нивната божја дарба и уметничка креативност и длабоко нурнувајќи се во оригиналноста на пребогатата македонска играорно и песнопојна традиција, чедата на овој Ансамбл, создадоа дванаесет потполно оригинални и автентични кореографии и обичаи… Овие фолклорни поданици, заедно со управата и уште 350 други луѓе, го чинат долгиот но и недозавршен синџир од победи и награди, и ја инкорпорираат пораката на великанот Гоце Делчев: „И ние светот го разбираме единствено како поле за културен натпревар помеѓу народите“, запишал хроничарот и познавач на ансамблот.
Ансамблот во своето постоење имал стотици настапи, со учество на врвни културни манифестации и фестивали и притоа освојувајќи награди и признанија, но пред се срцата и душите на љубителите на народната култура. Настапувале во многу земји ширум светот, на фестивали и концерти, во Австралија, Германија, Шведска, Велика Британија, Австрија, Франција, Полска, Турција, Украина, Бугарија, Чешка, Албанија, Хрватска, Португалија, Шпанија, Египет и многу други земји.
(Подготвил: Д.Г.)