Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ со два коментара на денешните случувања
ОБОСТРАНО САМОПОНИЖУВАЊЕ. Вџашувачки е, меѓутоа и несфатливо самопонижувачки е некому да аплаудираш само затоа што рекол дека македонскиот јазик е македонски и дека Макдонците се засебен народ, бидејќи тоа е исто како да се аплаудира некому само затоа што кажал најобична банална вистина. Дека, на пример, еден + еден е еднакво на два. Тоа не е самодевалвирачки и понижувачки само за оној кој аплаудира на ваква баналнос, туку и за оној кој се служи со таква баналност. Повеќе од бедно и јадно е.
ПРОТЕКТОРАТ И КОЛАПС. Ако е речеси извесно, барем според информациите кои се достапни на јавноста, дека во залог се дадени потеклото на македонскиот народ, неговата историја и јазик, сега почнаа да се чувствуваат нови и речиси нескриени тенденции. Една од нив е преобразување на Република Македонија во протекторат. Поточно, во бугарски протекторат. На ова упатува, повторно според нецелосните информации, правото на бугарската држава да следи, меѓутоа и да гони/санкционира говор на омраза, ако oцени дека такво нешто се појавило/манифестирало во Република Македонија. Настрана го оставам прашањето што е говор на омраза, кој може да оцени дали нешто навистина е говор на омраза и дали тоа не е повторно воведување на вербален деликт, како и забрана на слободно мислење. Битно е дека оваа тенденција сè повеќе се чувствува, дури и на практичен, конкретен, поединечен план. Ако кон ова се додаде, повторно според нецелосните, односно скриените информации, идејата содржината на македонските учебниците да биде под строга контрола/менторство на друга, туѓа држава (Бугарија), тогаш сè поизвсно станува дека Македонија неповратно се преобразува во бугарски протекторат, под директна дозвола и патронат на ЕУ. Историјата, за жал, навистина се повторува, меѓутоа не во онаа форма на која упатуваше Хегел (еднаш како трагедија; вторпат, како фарса) туку како сè поголемо и поголемо ширење и продлабочување на трагедијата, која нема да биде само локална, ниту само национална, туку о п ш т о ч о в е ч к а. Повторно на ред доаѓаат маските, ковидот, нови болести, како и нагласеното предупредување дека на човештвото му престојат глад, болести, како и недостиг на стока и енергенси од секаков вид.