Владата нема да интервенира во веќе и испратената унилатерална изјава за македонскиот јазик. Вчера и заврчера во МНР се одржале консултации со лингвистите на кој им биле претставени ставовите на Владата.

Министрите за надворешни работи и за култура веќе два дена водат интензивна комуникација со лигвиститите во однос на нивните забелешки за едностраната изјава од нашата држава за македонскиот јазик, велат од владата.

Од МНР соопштуваат дека првичната цел на Унилатералната изјава на Македонија доставена до ЕУ е да се осигура употребата на чиста формулација на македонскиот јазик, без објаснувања, додавки или фусноти. Додаваат дека во согласност со форматот даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите кои се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешната држава.

„ Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука.“ – велат од МНР и додаваат дека наскоро ќе биде склучен Договорот за статусот на Фронтекс со јазична одредба во која покрај 24-те службени јазици на ЕУ ќе биде поименично наведен и македонскиот јазик.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, изјави дека не ја разбира потребата на Владата да го појаснува македонскиот јазик, вели Канал 5 во својот прилог на оваа тема.

„ Не знам зошто е потребно македонската влада да го појаснува македонскиот јазик да го дополнува итн кога тој има своја јасна антропологија уште во времето на многу преродбеници кодифициран е тогаш кога е кодифициран, стандардирдизиран е тогаш кога е стандардизиран навистина не ја гледам потребата на нашата влада да го ограничи на територијата на денешна Македонија. Небаре овие кои што го користат македонскиот јазик надвор од Македонија и во околните држави зборуваат некој друг јазик, а не македонскиот јазик. Шокантно е сето ова ќе имаме многу за корегирање кога ќе ја преземеме новата влада.“

Од „Млади Македонисти“ преку Проглас бараат Владата да ја повлече Изјавата за јазикот од ЕУ. Велат дека ваквата изјава може да доведе до сериозни и трајни последици по нацијата, државата и македонската култура.