Согласно податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна нето-плата во мај 2022 година по вработен изнесува 31.407 денари, што е за 2.686 денари повеќе во однос на истиот месец лани или за 9,4 отсто, информираат денеска од владината Прес-служба.
Согласно статистика, според Владата, ваквото зголемување се должи пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 19.7 отсто, уметност, забава и рекреација – 16.1 отсто и преработувачка индустрија – 14.3 отсто.
– Континуираното зголемување на просечната нето-плата во земјата е резултат и на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата, која изнесува 18.000 денари. Споредено со мај 2017 година кога просечната нето-плата била 22.889 денари, во мај годинава е зголемена за 8.518 денари и изнесува 31.407 денари. Владата продолжува со креирање на мерки и на амбиент за повисоки стапки на економски раст и унапредување на животниот стандард на граѓаните како и особена поддршка во услови на криза, се вели во владиното соопштение.