Германија се соочува со „најголемата енергетска криза“ поради нејзината економска зависност од рускиот гас, изјави неодамна германскиот министер за економија Роберт Хабек.
„Се ослободуваме од оваа зависност со брзината на ветрот“, рече Хабек во четвртокот по посетата на енергетскиот парк Бад Лахштет, пренесува ДПА.
Во средата, Русија дополнително го намали снабдувањето преку гасоводот Северен тек. Хабек рече дека и биле потребни децении за Германија да влезе во таков вид зависност.
„Во рок од неколку месеци и години ќе се погрижиме да ја надминеме оваа зависност“, рече министерот.
Според него, постои силен интерес за побарувачка на водород, истражување на водород и производство на водород.
„Тоа е иднината“, рече Хабек и додаде дека прво треба да се издржи претстојната и следната зима.
Поради прераспределбата на трошоците за гас, оцени тој, потрошувачките расходи ќе се зголемуваат за неколку стотици евра годишно. Висината на прераспределбата се уште не е конечно одредена, но најверојатно ќе биде меѓу 1,5 и пет евроценти за киловат час. Тоа значи дека трошоците за прераспределба, кои треба да бидат привремени и чија цел е да ги растеретат увозниците на гас, за просечно четиричлено домаќинство со годишна потрошувачка од 20.000 киловатчасови, ќе бидат околу 500 евра.
Прераспределбата, објасни Хабек, е неопходна за да се обезбеди снабдување со енергија. Благодарение на него, компаниите ќе можат дел од повисоките трошоци за набавка да ги префрлат на крајните потрошувачи.
Истовремено ќе има олеснување за граѓаните кои се турнати на работ на сиромаштијата, нагласи Хабек.
„Тоа не е добар чекор, но е неопходен“, рече министерот и додаде дека мерките за социјална компензација ќе го направат тој чекор поднослив.