Палестинскиот претседател Махмуд Абас пристигна во тридневна официјална посета на Анкара на покана на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, со кого треба да се сретне денеска, јави турската ТВ ТРТ Ворлд.
Авионот со кој Абас и неговата придружна делегација пристигнаа во Анкара слета на аеродромот Есенбога вчера попладне. На аеродромот Абас беше пречекан од заменик-гувернерот на Анкара Мурат Сојлу, општинските власти и палестинскиот амбасадор во Анкара Фаед Мустафа. Посетата на Абас на Турција ќе трае до 24 август.
Според соопштението на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, официјалните средби ќе се одржат денеска. За време на разговорите ќе бидат разменети мислења за турско-палестинските односи, најновите случувања во израелско-палестинскиот конфликт и други актуелни регионални и меѓународни прашања, се вели во соопштението.
– Ќе се разговара за чекорите што може да се преземат за понатамошно развивање на соработката меѓу Турција и пријателската и братска Палестинска држава, се наведува во соопштението.