Реномираната софиска издавачка куќа „Изида“, во својата едиција „Европски роман“, поддржана од програмата Креативна Европа на Европската Унија, го објави романот „Нишан“ на Блаже Миневски на бугарски јазик. Македонскиот бетселер, чии шесто издание деновиве излегува во издавачката куќа „Три“ од Скопје, од македонски го преведе угледниот бугарски писател и преведувач Мариан Петров.
Според најавата на издавачот, романот „Нишан“ е возбудлива приказна за животот и смртта, за смислата и бесмислата на војувањето, за љубовта и омразата, за победата како пораз и за поразот како победа. Приказната е раскажана сигурно и убедливо, со разоткривање на сите противречности, предрасуди и страдања пред кои е исправен денешниот современ човек, а истовремено спонтано и вешто се наметнуваат и прашањата за односот меѓу реалното и иреалното, за животната и романескната вистина, за големата лага на фикцијата, но и за фиктивноста на некои наши животни сознанија кои ги сметаме за единствено валидни и неприкосновени.
Влегувајќи во своевиден дијалог со непријателот што го гледа низ оптичкиот нишан, всушност жената во која се вљубува, но која може во секој миг да ја прекине нишката на животот со еден истрел, снајперистот, млад писател што ја бара смилата на животот и творештвото, раскажува за писателските неволји, за работилницата за креативно пишување во Ајова, за детството, за народот, за реалноста и книгите што му ја одредиле судбината. Во секундата додека куршумите испукани во ист миг летаат кон едниот и кон другиот брег се создава еден сложен мозаик од измислени и реални истории, херои и настани фрлени во виорот на балканските конфликти и страсти.
Освен на бугарски јазик, романот „Нишан“, добитник на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „13 Ноември“, и кандидат за „International DUBLIN Literary Award“, досега е објавен и на англиски, италијански, српски, ерменски, кинески, словенечки и арапски јазик, а наскоро ќе биде објавен и на полски јазик во Варшава.