Цената на струјата мора да се ограничи и компаниите да ја плаќаат до одредено ниво, а над одредено кое ќе го дефинира државата од своите фондови да му излезе во пресрет на стопанството, порача денеска Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
Тој ги претстави предлозите на ССК за помош на стопанството поради енергетската криза и предупреди дека поради превисоките цени на струјата се заканува затворање на економијата и банкрот.
– Во овој момент на македонската економија и се заканува енергетско цунами од кое постои опасност да ја уништи. Енергетскиот отворен пазар е надвор од контрола, не постои услуга или производ кој може да поднесе цена на енергентите од 600 до 700 евра по мегават час, посочи Ангелоски.
ССК смета дека ЕЛЕМ мора да обезбеди дополнителни количини на енергија од домашно производство за слободниот пазар и на овој начин да изврши одреден позитивен притисок за намалување на енормно високите цени. Исто така и да не се дискриминираат компаниите кои се наоѓаат на слободниот пазар во однос на оние на регулираниот.
-ЕЛЕМ мора да го зголеми производството, во овој момент не сме убедени дека го има достигнати максимумот и да почне да продава струја на пазарот што позитивно ќе делува за намалување на цената, наведе Ангелоски.
Треба, посочи, да се овозможат побрзи процедури за поставување фотоволтаици, односно ЕВН да дава енергетска согаласност во рок од седум до десет дена, а останатата документација да се обезбедува во период од 120 дена.
Од ССК оценија дека енергетската криза ќе трае и побараа државата ако треба и да се задолжи за да помогне, а како што потенцираа, бизнисот тоа ќе го врати.
Државата да штеди и да ги приватизира несуштинските капацитети
Раководството на Сојузот на стопански комори порача Владата да биде повнимателна при креирањето и носењето на најавената даночна реформа во, како што велат, овие тешки времиња кога стопанството се наоѓа во тежок постковид период, зафатено е од енергетска криза и е во нарушен глобален синџир на снабдување.
-Државата треба да се фокусира на заштеди и рационализација во Буџетот, а редно време е да размислува и за приватизација на одредени несуштински работи кои ги поседува, а кои со години можеби бележат загуби, рече денеска на прес-конференција претседателот на ССК Трајан Ангелоски.
Државата, посочи, има акции во Телеком, ние сме либерализиран пазар, и не ја гледаме потребата зошто државата сега на некој начин да тера бизнис во Телеком. Има и во железници итн. кои и така и вака секоја година гледаме бележат загуби.
-Дефинитивно државата треба да размисли на рационализација во буџетските трошења. Моментов за воведување нови даноци треба многу внимателно да се размисли. Во ваква елементарна непогода со цените на енергенсите не сум убеден како би се одразиле нови даноци затоа што прашање е која фирма ќе има позитивни резултати за да ги измирува дополнителните даноци, посоочи Ангелоски.
На вчерашната средба во Владата со коморите министерот за финансии Фатмир Бесими се изјаснил позитивно во однос на приливите во Буџетот, а тоа, посочи Ангелоски, е очекувано со оглед дека инфлацијата ги зголемува цените на производите и на тој начин даноците процентуално се наплаќаат, растат и вредностите на приливи во буџетот.
-Не треба да размислуваме доколку се даваат одредени стимулации за цената на електричната енергија веднаш дали да се воведуваат и нови даноци, мислам дека нема поврзаност помеѓу овие две работи и се губи логиката на давање на тие стимулации за евентуално избегнување на високите вредности на струјата, рече претседателот на ССК, на прес-конференцијата на која ги претстави последиците во стопанството од енергетската криза и предлозите на ССК за штедење.