Епидемијата на неофашистички здруженија кои никнуваат на територијата на Македонија, под покровителство на пробугарските СДС и ДУИ, кои имаат за цел да провоцираат и промовираат фашистички и асимилаторски вредности, мора да запре, велат од Левица, додавајќи дека партијата поднела Иницијатива за забрана на работата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола до Основното јавно обвинителство во Битола, повикувајќи се на член 65 од Законот за здруженија и фондации.
Во Статутот на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ Битола, донесен на Основачкото собрание на здружението, на седница одржана на 12 март 2019 година, се појаснува дека мисијата на Здружението е промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов.
Неспорно е дека граѓаните на РМ им се гарантира слободата за здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Меѓутоа, јасни уставни и законски одредби ги определуваат границите на остварување на оваа слобода, велат во соопштението од Левица.
Додаваат дека со своите програмски цели и теренски активности за промоција на идеологијата и рехабилитирање на ликот и делото на Иван Михајлов, дејствувањето на Здружението е насочено токму кон разгорување на национална омраза и нетрпеливост, преземајќи активности кои се спротивни на Уставот и закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.
Ноторен историски факт е дека според идеологијата на Иван Ванчо Михајлов, македонската нација и јазик не постојат! Здружението ја промовира оваа идеологија за промена на националната свест на македонскиот народ и во своите просотрии има поставено цитат од Иван Михајлов, во оваа насока.
Дејствувањето на Здружението е насочено кон негирање на слободите и правата на македонскиот народ за слободно изразување на националната припадност. Дополнително, Здружението на социјалните мрежи редовно објавува натписи со содржина со која разгорува национална омраза.
Рехабилитацијата на ликот и делото на Иван Михалов, кој светската историографија го смета за докажан соработник на Хитлер, е рехабилитација и глорификација на фашизмот и нацизмот – потикнувајќи чувство на национална и верска омраза и нетрпеливост кон Еврејската заедница во Македонија, реагираат од партијата.
Oд Левица очекуваат Основниот суд, во итна постапка, да донесе решение со кое се прифаќа во целост предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и се забранува работата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола.