Германскиот канцелар Олаф Шолц на синоќешниот говор во Прага истакна дека Европската Унијата има подруг приоритет од проширувањето.
-ЕУ мора да се реформира пред да стане Унија со 30 или со 36 земји членки, вклучително земјите од западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија. – рече Шолц во своето обраќање.
Оваа изјава на германскиот канцелар директно е во спротивност на политиките на македонската Влада која на граѓаните им нуди визија дека доколку Собранието ги прифати бугарските ултиматуми земјата за брзо време може да стане членка на ЕУ.
Шолц и претходно ни порача дека патот кон ЕУ ќе ни биде трнлив. Пред помалку од два месеци, пред да го прифатиме францускиот предлог, германскиот канцелар ни кажа дека и неговото прифаќање нема да значи лесно зачленување на Македонија во Европската унија.
-Сакам да бидам сосема искрен со вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат. Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни, ни кажа Шолц.