Гас за Eвропа нема да има, се додека не се укинат санкциите кон Русија воведени поради војната со Украина, порача официјална Москва. Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, го обвини западот и санкциите од Европската Унија, Велика Британија и Канада, за неуспехот на Русија да испорача гас преку клучниот гасовод Северен тек 1, што го носи гасот од Санкт Петербург преку Балтичкото Море, до Германија.
Проблемите со испумпувањето на гасот беа предизвикани од санкциите што ги воведоа западните земји кон нашата земја и неколку компании, рече Песков. Овие коментари на портпаролот на Путин, се досега најдиректното барање на Кремљ, Европската Унија да ги укине санкциите, во замена Русија да продолжи со испораките на гас на континентот. Поради ова, цената на гасот достигнува нов рекорд и е поскапа за 35 насто, во однос на нивото од петокот.
Прекинот на испораката на гас од „Газпром“ преку Северен тек еден, почна во средата, со објасднување дека се прави редовен сервис, и требаше да трае до саботата. Во петокот вечерта „Газпром“ соопшти за протекување на масло од турбина.