На листата на институции од кои Бесмира Ејупи добивала хонорари се додава уште една. Покрај тоа што истовремено добила 12 илјади евра од 4 општини и Државното правобранителство, Ејупи од 11 мај 2021 година до 16 август 2022 од Владата била поставена и во Надзорниот одбор на Јавното претпријатие „Железници – инфраструктура“, објавува
Алсат.
Алсат дознава и дека Ејупи како член на Надзорниот одбор на ова јавно претпријатие со задоцнување го доставила Анкетниот лист до Антикорупциската комисија и за тоа платила и парична казна, по што доставила комплетен анкетен лист.
Иако во јуни Антикорупциската комисија покрена иницијатива за кривична одговорност за четворица градоначалници и иницијатива за морална одговорност за државниот правобранител, кој во истиот период ја ангажирал Ејупи, нејзината соработка со Државното правобранителство продолжила и тоа може да се види и на страницата „Отворени финансии“, каде последната уплата за Ејупи била регистрирана на 5 август.
Од друга страна, МНР и понатаму молчи за информациите кои кружат во јавноста за Бесмира Ејупи. Од МНР ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата дека таа од неодамна работи кај нив. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски изјави дека ќе бараат министерот Бујар Османи во Собранието, во Комисијата за надворешна политика, да појасни за случајот со Ејупи.