Повеќе граѓани на социјалните мрежи деновиве го изразија својот револт поради високите сметки за струја, како и поплаки од граѓани од Скопје, Струга и други места дека за одредени периоди им била наплатувана два пати.
Незадоволните граѓани реагираа за „плаќањето двапати“, за што ЕВН Хоме , за порталот А1он појаснува дека „нема преклопување во сметките за јули и август“.
Скопјанка објави дека во фактурата за месец јули за периодот од 28 јуни до 29 јули и во фактурата месец август за периодот од 26 јули до 29 август, деновите 26, 27, 28 и 29 јули се двојно наплатени.
Од ЕВН Хоме за „А1он“ велат датумите на предната страна се датуми на отчитувачката недела на корисникот, а не датумите за реалното фактурирање на потрошувачката.
– Датумите на предната страна на фактурата се всушност датуми на отчитувачката недела на корисникот, односно во која група на отчитувачки период припаѓа корисникот. Додека датумите за реалното фактурирање на потрошувачката се наоѓаат на задната страна на фактурата. Реално отчитаните дати никогаш не се поклопуваат со отчитаните дати во претходниот месец. Овој податок на прочитана потрошувачка се наоѓа во горниот дел на задната страна, веднаш до ставката: Податоци од броило. Поконкретно, датумите на предната страна се од информативен карактер во која отчитувачка група припаѓа корисникот, а на втората страна се наоѓаат податоците врз база на кои се прави пресметката на фактурата. Отчитувањето на клиентите на ЕВН Хоме со тарифа домаќинства и мали потрошувачи се врши по календарски недели, објаснија од ЕВН Хоме за А1он.
Оттаму на граѓаните им порачаа да ги читаат сметките и на задната страна каде што стојат точните датуми за кои им е пресметана потрошувачката на струја.
Целиот текст во А1он.