Партијата Единствена Русија на Владимир Путин предлага на 4 ноември да се одржи референдуми за припојување на украинските територии под контрола на руските сили кон Русија.

„Доњецк, Луганск и многу други руски градови конечно повторно ќе го најдат своето родно пристаниште. И рускиот свет, денес поделен со формални граници, повторно ќе го најде својот интегритет“, изјави секретарот на Генералниот совет на Единствена Русија, Андреј Турчак, се вели во соопштението на партијата објавено денеска.

Русија го слави Денот на националното единство на 4 ноември.

„Би било погодно да се организираат тие референдуми во Донбас и ослободените територии на 4 ноември“, рече Турчак, а пренесува руската новинска агенција Риа Новости.

Тој ги споменува украинските региони Доњецк и Луганск на исток, чија независност Москва ја призна непосредно пред почетокот на офанзивата во Украина на 24 февруари, како и регионите Керсон и Запорожје, од кои голем дел е под контрола на руската војската.

„Ќе се подготвиме за тој конкретен датум“, изјави Кирил Стремусов, еден од претставниците на владата поставена од Москва во Украина, пренесуваат руските агенции.

Руските окупациски сили во Украина со месеци зборуваат за референдум за припојување на териториите кон Русија, но администрацијата на Керсон во понеделникот соопшти дека гласањето во моментов е неизвесно поради контраофанзивата на украинските сили во областа.

Веќе во март 2014 година, Русија организираше референдум на Крим, анектиран украинскиот полуостров по тоа гласање, на кој му претходеше интервенција на руските специјални сили.