>Парламентот на Албанија го ратификуваше договорот со ЕУ (Финансиски рамковен договор за партнерство), со кој Албанија ќе добие средства од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (IPAIII), јави дописничката на МИА од Тирана.
>Оваа претпристапна помош ги поддржува земјите-кандидати за ЕУ и потенцијалните кандидати во усвојувањето и спроведувањето на клучните политички, институционални, социјални и економски реформи за да бидат конзистентни со вредностите на ЕУ и постепено да се усогласуваат со правилата, стандардите и политиките на ЕУ.
Средствата кои се неповратни ќе бидат насочени кон низа сектори како што се реформите во правосудството, животната средина, енергијата, развојот на приватниот сектор, земјоделството, вработувањето и социјалната инклузија, доброто владеење и децентрализацијата, локалната власт и граѓанското општество“.
Амбасадорката Кристијане Хоман, шеф на делегацијата на ЕУ во Албанија, ја поздрави ратификацијата и оцени дека „отворањето на пристапните преговори летово беше историски момент во односите меѓу ЕУ и Албанија, но нашата врска отсекогаш била многу силна”.
– Со години, ЕУ е најголемиот поддржувач на реформите во Албанија, обезбедувајќи речиси 100 милиони евра годишно за програми во области како што се реформите во правосудството, земјоделството и многу други области кои влијаат на животот на албанските граѓани. Оваа ратификација го продолжува ова силно партнерство со нов и поголем пакет поддршка за помош на владата во процесот на проширување во наредните години, како и за подобрување на секојдневниот живот на Албанците, оцени Хоман.