НАТО, Вашингтон и Берлин денеска ги осудија планираните референдумски изјаснувања во украинските региони Доњецк и Луганск, на кои се очекува самопрогласените „републики“, како и регионите околу Запорожје и Херсон, да се изјаснат за присоединување кон Русија.
Лажните референдуми немаат легитимитет и не ја менуваат природата на руската агресивна војна против Украина. Ова е натамошна ескалација во војната на рускиот претседател Владимир Путин, објави на Твитер генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
„Меѓународната заедница мора да го осуди ова флагрантно кршење на меѓународното право и да ја зајакне својата поддршка за Украина“, повика Столтенберг.
Белата куќа соопшти дека „Русија набрзина организира лажни референдуми“.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан изјави дека САД нема да ги признаат референдумите за припојување делови од Украина кон Русија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги окарактеризира како неприфатливи таквите „фиктивни” референдуми.