Хакерите кои ја нападнаа Албанија на сметка на Иран, покрај нападот на системот за гранична контрола ТИМС, влегле и во системот за надзор со безбедносни камери, јавија албанските медиуми.
Преку веб-страницата “Homeland Justice” ирански хакери објавиле неколку видеа од полицискиот систем на камери во Тирана, Пешкопеја, меѓународниот аеродром, како и од граничните премини, јави дописничката на МИА од Тирана.
– На фотографиите се гледаат различни простории во полициски станици и дирекции, чекалните за граѓани или просториите за придружба. Датумот на снимките од камерите покажува дека хакерите имале пристап во јуни, јули, август и првите денови од септември. Фотографиите се од јули, наведува агенцијата Балканвеб.
Објавените видеа се придружени со пораката: „Кога безбедноста на терористите во Драч (МЕК) е поважна од безбедноста на вашиот народ, …“
Албанските власти истражуваат, но извештајот на ФБИ претходно покажа дека вирусот бил во системот 14 месеци пред да се случат кибер-нападите, на 15 јули и на 9 септември, поради што владата ги прекина дипломатските односи со Иран.