Страшо АНГЕЛОВСКИ

Постојано ги слушаме инсталираните политичари во Македонија и во Европа како папагалски повторуваат неколку работи. Првата од нив, секако, е фразата за споделување заеднички вредности; втора, исклучително актуелна последниве месеци, етикетата за “проруски елемент“ за секој кој не ги споделува “заедничките вредности“; трета, што повеќе оружје за Украина и што поинтензивни санкции кон Русија како единствен заеднички став за нејзино уништување…

И, бидејќи нивните искази се поклопуваат од збор до збор, многу веројатно е дека пред да бидат инсталирани, од своите ментори во Ленгли добиваат “Водич низ глупостите“, мало упатство како да зборуваат и да се однесуваат во заштита на националните интереси… се разбира, не на своите држави и народи, туку на своите ментори – новите комунисти од САД.

                                 ПЕТТАТА КОМУНИСТИЧКА ИНТЕРНАЦИОНАЛА ВЛАДЕЕ СО СВЕТОТ

Денешниот Евроатлантски сојуз, предводен од САД, организиран по урнекот на Сталин за едноумно владеење со светот, веќе подолго време функционира како комунистичка интернационала. Со лаги и двојни стандарди, божемно залагајќи се за плурализам и демократија, веќе интервенираше во редица земји, уривајќи легални и легитимни власти како во Србија, Ирак, Сирија, Либија… Од друга страна, на глобално ниво, во светски рамки, не само што не дозволува плурализам, демократија и различни политички ставови и идеологии, туку во манир на најтемниот сталинов комунизам, вистината создавана во сопствените политички лаборатории, ја прогласува за догма, за единствена и беспоговорна.

Таа и таква, една и единствена вистина, како шарена Библија содржана во “Водичот низ глупостите“, им се дели на инсталираните Влади, или оние кои допрва чекаат да бидат инсталирани, комотно и богато сместени во мрежите од невладини организации.

И таму, под број еден – споделување заеднички вредности! Па, можеме да ги разбереме папагалите од, на пример, Британија, Франција, Холандија… како говорат за заеднички вредности кои и навистина ги споделуваат. Тоа е, пред се’, колонизацијата која ја вршеле со векови; ограбувањето на колонизираните држави и создавање сопствено богатство на нивна сметка ( шегата дека пирамидите останале во Египет, а не се наоѓаат во Британија само затоа што биле претешки за транспорт, не е далеку од вистината); тоа е инквизицијата, најтемниот дел од човековата историја, која како заедничка вредност ја практикувале седум века; тоа е перманентната и неизгаслива “жед за крв“ преку постојано прогласување заеднички непријател кој треба да биде уништен…

И, доколку до скоро, заеднички непријател беше “радикалниот ислам“ преку своите вооружени формации, организирани токму од нив, од новите американски комунисти, сега, најновиот непријател, кој треба да ги обедини во лудоста на самоуништувањето, е Русија. Русија, не заради воената операција во Украина, што е само нивни изговор, туку Русија како единствен заштитник на поинакви вредности од оние кои тие, нели, заеднички ги споделуваат, Русија како единствена моќна сила која може да го одбрани семејството, традицијата, нацијата, родот… од нивното уривачко лудило. Русија, која токму со таквите ставови, каква иронија, е урнек за десницата во Европа која се повеќе ги штити токму тие вредности, наспроти декадентните антицивилизациски “заеднички вредности“, со што ги загрозува комотните позиции на новото комунистичко едноумие.

И, тука стасуваме до втората точка од “Водичот…“ – што повеќе оружје за Украина и што поинтензивни санкции за Русија. Секој нормален е против каква и да е војна и крвопролевање, но, дури и малите деца знаат дека зголеменото трупање оружје не може да ја сопре војната, туку само да ја интензивира. Сама по себе се наметнува логиката дека Украина и украинскиот народ се користат како оружје во обидот да се уништи Русија и дека за таа цел, новите американски комунисти се подготвени да се борат до последен Украинец. Со тоа, токму најголемото страдање го трпи народот и државата на инсталираната власт во Киев.

Од друга страна, се’ поочигледно е дека најтешките последици од се’ поинтензивните санкции кон Русија, ги трпат народите и државите со инсталирани власти во Европа и дека токму тие ќе бидат колатералната штета во обидот да се уништи Русија заедно со вредностите поинакви од “заеднички споделените“.

Токму затоа, во “Водичот…“ што им го делат на празните умови, основен метод во нивната борба е стариот комунистички метод на лепење етикети. Она што слугите на Сталин го работеа лепејќи етикети дека сите што поинаку размислуваат се “субверзивни елементи“ и така уништуваа поединци и цели семејства, денес, нивните внуци, слугите на новите едноумни сталинисти од САД, го спроведуваат во дело со етикетите за “проруско делување“ на сите кои размислуваат поинаку, односно, не ги споделуваат “заедничките вредности“.

Отсекогаш било така во нивните празни умови – кога немаш аргумент, залепи етикета. Но, вистината полека но сигурно излегува на виделина. Едноумниот левичарски брод, само во последниве неколку месеци, во Европа е веќе продупен на неколку места – во Унгарија, во Шведска, во Италија… а во светот веќе насекаде, па водата полека но сигурно продира и се заканува да го потопи. А тогаш, се знае, глувците први бегаат.

Ова е епска борба на глобално рамниште меѓу плурализмот и едноумието, меѓу вистинските цивилизациски, традиционални вредности и оние “заеднички споделените“, меѓу здравиот разум и декаденцијата на болните умови, меѓу светот што го сакаме и светот што ни го наметнуваат…

Од нас зависи што ќе живеат нашите деца. Затоа мораме да истраеме!

(авторот е претседател на МААК)