Марко КИТЕВСКИ

Има една мариовска пословица која вели: „Срамота, срамота, ама арна работа“. Како што стои во еден запис, оваа пословица се однесувала на некоја неморална жена која така им одговарала на тие што ја прекорувале. Oваа пословица денес може да се однесува на многумина кои не го знаат значението на зборот срам, а постојано го заслужуваат. Марко Цепенков има еден запис за ежовата трева, во кој вели дека со од еж трева се отклучувале заклучени секакви катанци френк-килити, букагии, синџири, и секакви врати, со малку задржување со ежоата трева на катанецо али на друго нешто, и веднаш ќе се отворела. Арно ама, вели Цепенков, кој можит да најдит ежоа трева, ашколсун ќе му се речело. А за да се најде ваква трева требало да најдиш ежиња мали и да ‘и заградиш со едно ѕитче од камчиња и да вардиш коа ќе дојде мајка му. Штом ќе види таа оти ежињата је се затворени ќе појдела и ќе најдела од ежоата трева и ќе го буцнела ѕидот и веднаш ќе се урнел и земи си ја тревата ежоа и отворај си катанци и френк-килити. На крајот од овој запис Цепенков забележал: „Ама, ако сакаш да бидиш арамија“. Ете во тоа е работата, ако сакаш да бидиш арамија. Зашто и арамилакот е личен избор. Како што кодошењето, предавството и другите пороци произлегуваат од личен избор. Зашто секој не сака да биде арамија, како што секој не сака да биде кодош или предавник. На некои луѓе белиот образ многу им значи за разлика од други на кои ама баш ништо не им значи. Во минатото тие што си го извалкале образот биле прекорувани со пословицата „Бел му е образот како на арап газот“. Има и други пословици за образот како „Водата се мие само образот не може да го измие“ и сл.

Денес веќе ништо не е срамота. Дојдоа чудни времиња, луѓето лесно се откажуваат од националноста, уште полесно од татковината. И сето тоа во името на пари, богатство, привилегии, функции. Што би рекол народот во името на полн стомак. Така како што пееше Владимир Назор во песната „Титов напријед“ што како ученици ја учевме напамет и во која еден стих гласеше: „Јер највеќа је среќа трбух пун“, („Зашто, најголема среќа е полн стомак“.). Според некои сведоштва уште големиот Филип Македонски има речено дека „на светот не постои тврдина со толку високи бедеми, која не може да биде прескокната од магаре натоварено со дисаги, полни со златни монети.“ Колку ли магариња со полни дисаги ја имаат прескокнато македонската граница во изминативе неколку децении.

Некогаш било чест да се работи и да се загине за татковината. Гоце Делчев им велел на своите соборци, дека смртта треба да се пресретне и да се победи. Многумина ја пресретнале и ја победиле смртта, затоа останале запаметени во колективната меморија на македонскиот народ, во неговите преданија и во неговите песни. Денес некои наши современици како да се срамат да го изговорат името на својата татковина, па се натпреваруваат колку повеќе и колку погласно ќе и го изговорат прекарот „северна“. Но не само тоа, ги етикетираат, ги прогонуваат, ги навредуваат тие што си ја сакаат татковината. Замислете од вакви кодошлаци страдал и прославениот Григор Прличев пред повеќе од еден век. Во писмото до д-р Константин Робев тој му пишува: „Претставете си до какво стапало сме стигнале, кога луѓе на кои им ја покажуваш народноста своја, наместо да те пофалат, како што тоа го сторија сите разумни луѓе, тие те поттикнуваат да зборуваш лаги, да се одречеш од својата народност – нешто, кое според мене е рамносилно да се одречеш од верата своја. Нема понечесно нешто од тоа да си ги продаде човек родителите, народноста, татковината… Ваше превосходство стравувам многу од клеветите и нека Бог се смилува над мене.“

Денес како ништо да не се сменило. Колкумина ли денес се откажаа од верата и од народноста, колкумина ли денес, луѓе сиромашни со памет, а богати со гревови, како што читаме во запис на една стара книга, со големо задоволство ја играат улогата на петтоколонаши или Тројански коњи. И со тоа се гордеат. Колкумина ја заслужија родителската, односно татковинската клетва како најтешка, зашто како што запишал еден учен и умен човек: татко е еден, а татковината е многу татковци, мајка е една, а татковината е многу мајки. За најтешки клетви се сметаат оние што засегаат по смртта, односно што посакауваат страдања во вечниот живот. Во клетвите се посакува престапникот „да биде проклет од самиот Спасител, седржателот Отец и од 4-те евангелисти и од 318 свети богоносни отци и од сите светии и да го снајде судбината на Јуда, кој го предаде Христос Седржателот“. Споменатите 318 свети отци се учесниците на Првиот вселенски собор во Никеја свикан од царот св. Константин кога се донесени важни одлуки за иднината на христијанството. Исто така на колнатиот му се посакува да биде поразен од силата на светиот крст, да биде исечен од светите архистратези Михаил и Гаврил, или свети Ѓорѓи да му е судија и неговото копје да му суди во овој век и во идниот. Итн. Во еден запис од 1645 година, месец февруари, 7 ден, на Слепченски писмовник од 16 век се вели: „…да е проклет од големиот господар Саваот и нашиот спасител Исус Христос, и од пречистата Богомајка и од 318 свети богоносни отци, и од сите светии; и во земјата неизгниен, да подлежи во анатема и во вонземната темница, и во вечниот оган – во бескрајните маки, каде што црвјето никогаш не заспиваат.“ Ако вакви клетви се искажувале за една украдена книга, па било тоа да е и Евенгелието, каква ли клетва заслужува тој што ќе се огреши кон татковината, викајќи ја на прекарот или вршејќи предавство во било кој вид.

Во минатото прадавствата се правеле за пари, но и за други привилегии. Евангелските текстови сведочат дека Јуда го предал Исуса за 30 сребреници, во тоа време безначајна сума пари. Но набргу ја увидел својата грешка и се покајал. Парите ги вратил, го признал предавството и се обесил. „Тогаш Јуда што Го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините, велејќи им: „Згрешив оти предадов невина крв“. А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.“  И како ги фрли сребрниците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.“ (Матеј 27/3-5)

Но предавниците на македонскиот народ никогаш не се покајале, а не пак да се обесат. Александар Турунџе е предаден за сто и педесет жолтици, главата на Лазо Поп Трајков била ценета на 50 лири, но и другите предавници не останувале без награда. Иако никогаш не биле ценети и почитувани туку презрени и поругани и од народот, но и од тие на кои им служеле. А парите арам печалени, никогаш не им носеле чест на предавниците. Како што ги печалеле така и ги трошеле. Народот вели „Арам дојдено, арам појдено“, (Според турското „Арам ѓељди, арам ѓитти.“) Цепенков забележал неколку пословици во врска со арам стоката спечалена: „Арам стока спечалена ќе истечит како вода“, „Арам стока спечалена не ќе оит до три појаса“, или, „Арамијата сеедно кради, а богат или трговец не можи да биди“, „Арамија и со скорни да шета низ чаршија, пак никој чес не му дава“ итн.

Некогаш било срамота комита жив да падне во рацете на непријателот. Затоа се саможртвувале поединци, но и цели чети (сетете се на Методија Пaтче, Христо Узунов, на Леонид Јанков, на Дине Абдураманов, на епопејата на Ножот, но и од времето на Втората светска војна). Американскиот писател, новинар и публицист, Алберт Сониксен, кој своето неколкугодишно присуство во четите на Апостол Петков (Ениџевардарско сонце), на Лука Иванов и на други војводи ги опишал во својата книга „Исповед на еден македонски четник“ се прашува што би направил тој кога би се нашол пред таков избор. Притоа, за своите соборци вели„ „…тие момчиња умираат не помалку драматично од првите маченици на христијанството. За оние кои умираат од раката на непријателот, не велам ништо. Треба да се одбележи како рекорд дека ни една чета не му се предала на непријателот, макар што таков предлог секогаш им се прави. Многу ретко некој четник попаѓа жив во пленство. Тешко ми е да приведам факти без да се возбудувам, но јас можам да соопштам цела листа на неповредени четници од една опсадена чета, коишто откога ќе видат дека друго средство не им останува освен да се предадат сами си ставаат крај на својот живот со последниот куршум….“

Некогаш се кодошело и за мали пари, за докажување верност кон господарот. Некои предавството го прават само за да им се додворат на пријателите односно на непријателите, иако тие се странци и настапуваат отворено непријателски кон нашата татковина. А Софокле уште многу одамна има запишано дека „Ништожник е тој што има подобар пријател од татковината“. Колку ли ништожници има оваа наша татковина Македонија.

Предавникот секогаш има оправдување за својата постапка. Се убедува себеси, а ги убедува и другите дека постапува во име на некоја повисока цел. Не е добро или тешко е, ама мора. Арно ама големиот германски научник, физичар и мислител Алберт Ајнштајн (1879-1955) уште многу одамна за ваквите мудрувања има речено: „Целта ги оправдува средствата, ама ниту една цел не може да биде толку возвишена, за да ги оправда нечесните намери.“  А Македонија во изминатиот период по осамостојувањето доживеа многу нечесни намери. И од своите и од туѓите. Цела колона домашни и европејски арамолебци, „лицем светци, срцем в’лци“ што би рекол Прличев, разни ништожници, часовничари, мачкари и кучкари, припадници на разни надежни заедници, разни секти, луѓе шарени во акалот, отворени и затворени општества и други таленти со големи торби на рамењата советуваа дека овде не треба да се применуваат законите туку да се постапува според балканските правила. Тие луѓе скарани со срамот, ама богати со арамот, само за да си ги оправдаат високите фукции и големите плати доаѓаа да внесат малку светлина во „тамниот вилает“, зашто нели овде луѓето се непросветени, необразовани, далеку од паметта и не знаат што е добро, а што е лошо. Нели светите Кирил и Методиј заминале да ја просветуваат Европа, а овде народот го оставиле во темнина да чека по многу векови да дојдат овие европски лицемери и безсрамници, што ќе му го покажат патот кон рајот.

Како да беа малку борби, востанија, војни, страдања, како да беа малку жртви и саможртви и денес во 21 век ние Македонците повеќе од секогаш порано мора да докажуваме кои сме, зошто сме Македонци, зошто се раѓаме како Македонци и зошто умираме како Македонци, зошто се радуваме и тагуваме на македонски, зошто плачиме и тажиме на македонски, зошто дишиме и сонуваме на македонски! А тоа е видливо за секој кому господ му дал очи да гледа и уши да слуша. Како што рече еднаш големиот уметник Пеце Атанасовски „Ние нема што да го бараме нашиот идентитет, тој го имаме, тој е во нас, направете само споредба на звукот на македонската и на бугарската гајда, видете како е штимана македонската како грчката грнета, споредете ги српските со македонските ора, направете анализа на богатството на македонската носија со носиите на комшиските народи. Тоа е идентитетот и тоа е народна култура различна од тие што не негираат.“

А тој идентитет не е од вчера. Со векови се градела и надградувала културата на овој народ, се создавале вредности што се пренесувале од поколение на поколение. Професорот Кирил Пенушлиски, секако најдодбриот познавач на македонскиот фолклор, на времето велеше: „Народот има право на голем јунак“. Македонскиот народ имаше свои јунаци и го негуваше нивниот спомен. Не без причина народот тагувал и ги опевал великиот Александар Македонски, последниот крал Марко Крале, најголемиот меѓу големите револуционери од епохата на Илинден Гоце Делчев.  За време на својот престој во Македонија во 1845 година, познатиот руски истражувач Виктор Иванович Григорович запишал: Jас нe слушнав други имиња освeн имињата на Алeксандар Вeлики и Кралот Марко. Уште пред историчарите да ги вреднуваат ликот и делото на Гоце Делчев, народот во своите песни му го подигнал најголемиот споменик, па така после Марко Крале, Гоце Делчев е најопеаниот јунак во македонскиот фолклор.

Еден австроунгарски дипломат со долга кариера, по име Алфред Рапопорт кој по Илинденското востание бил испратен во Македонија сведочи дека „меѓу револуционерните потфати на нашиот век, македонското востание од 1903 година, кое го носи навек славното име Илинденско е едно од најмаркантните востанија.“ Ете тој  Алфред Рапопорт  во своите сведоштва од својот престој во Македонија на едно место вели: „Неодамна еден добар познавач на балканските работи кој живеел во Битола петнаесетина години, уште пред да дојдам овде прв пат, ме уверуваше дека тој од градов и околината го понел истиот пријатен впечаток и дека не очекувал во срцето на Македонија, толку оддалечен крај од главните патишта и од железничките линии, тогаш речиси непознат во Европа, да најде, со една толку примитивна управа, одреден степен на забележителна култура и неверојатен број на интелегентни и образовани луѓе. Тоа докажува дека оваа култура не се должи целосно на разните пропаганди и на нивните училишта, кои во тоа време беа се уште новосоздадени за да дадат таков ефект, туку дека се работи за стари цивилизации пренесувани од колено на колено.“ Ете тој Рапопорт во 1903 година видел завиден степен на култура во Македонија, а денешниве наши мивки тоа не можат да го видат оти се при очи слепи и при уши глуви. Не дека не можат да видат, туку таква е сега модата. А тие, нели, секогаш се модерни. За ваквите уште поодамна Стале Попов има напишано во повеста „Опасна печалба“: „Сега е мода да си расипан. Само расипаните одат напред, а чесните останаа на опашка. Не е ова војна та чесните да трчаат напред, а забушантите да лежат под сенката. После војната падна комада „на лево круг“ и, се разбира дека забушантите се наредија на чело, а чесните останаа на опашка и се заборавија.“

Ете таквите денес на разни начини го креираат јавното мислење во Македонија. Преку разни медиуми тие тврдат дека Илинденското востание било пораз зашто траело само десет дена, дека АСНОМ бил пораз зашто не успеал да ја обедини Македонија. Господ да чува и да брани. Овие лигуши не знаат што е колективна меморија, не знаат дека  народот ги запаметил и опеал не само веселите туку и трагичните моменти од својата историја. Се разбира оние што му значеле. Така и Илинден и АСНОМ не се порази туку победи, големи победи што тие дури не можат да им го видат врвот. Очигледно е дека на овие луѓе не може ништо да им се докаже. За ваквите на времето Кирил Пејчиновиќ велел: „похарно у празна тиква да дуаш, дила неслушливога да учиш.“ Да беше жив сега тој гледајќи ги овие неправди, ова лицемерие, оваа апатија и бесперспективност ќе извикаше како што викал на времето: „Олеле безумие! Олеле безвјерие! Олеле безстрашие!“

Клетвите  како и благословите, здравиците, баењата и другите форми на народната култура потекнуваат од најстари времиња. Библијата сведочи дека во Стариот завет родителите ги благословувале или заколнувале своите деца. Исус во Еванѓелието ги благословил децата и ја проколнал смоквата која поради тоа се исушила. Клетвите нашле место и во некои службени документи, односно во некои законски одредби. Така на пр. во „Закон за судење на луѓето“ што го напишал свети Методиј на словенски јазик, околу 845-855 година  се вели: „При секој спор, тужба или пријава прилега кнезот или судијата да не прима обвинување без многу сведоци, туку треба да им се каже на странките, тужителите и доушниците: доколку не докажете под клетва, како што заповеда божјиот закон, очекувајте иста казна што ја баравте за другиот. Така заповеда божјиот закон, а кој не се придржува до него да биде проклет“. И денес клетвите имаат свое место во животот на човекот.

Кога зборуваме за клетвите редно е да се каже дека мајчината клетва се смета за една од најтешките клетви. Непослушноста кон мајката заслужува секаква осуда. Исто е и со татковината. Во народните песни, а така било и во животот, татковината Македонија се нарекува мајка Македонија, мила мајка Македонија, мила мајка страдална Македонија, жална Македонија, мачна Македонија, премила Македонија, црна Македонија, рајска градина, мила Македонија  итн.

Некогаш кога тоа го барале историските околности интересот на татковината се ставал и над интерсот на родената мајка. Сведоштво за тоа е и едно писмо на Христо Узунов до мајка му во кое и пишува дека живее во време кога е потребно животот ќе го даде за втората мајка – Македонија.

„Мила ми мајко,

Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. За твојата беспределна љубов, за илјадите неволи и страданија, за безбројните бесони и мачителни ноќи, поминати некогаш над леглото над твојот мал, слабичок Дуле, јас должам најголеми грижи и неизмерна синова љубов. Но можам ли кога ги чувствувам болките на нашата измачена татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното светло дело?

Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без и најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.

Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, да не плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш пример за другите мајки и сопруги.“  Ете така се сака родената мајка, ама така се сака и татковината.

Колку само им значела татковината на борците за нејзината слобода. За еден ваков народен син пишува Стојан Христов: Ова не е само писателска фантазија, оти разбрав дека еден Македонец, Тодор Лазаров, не знаејќи дека балканските сојузници во 1912 година ја беа тајно поделиле Македонија меѓу себе пред да и објават војна на Турција и верувајќи дека конечно неговата татковина е слободна, се застрелал од радост и умрел.“

Затоа најстрашно, најнечесно и најпроклето е предавството на татковината. Македонија имала многу предавници, биле предавани истакнати поединци, влијателни луѓе или револуционери, биле предавани и цели чети. Денес се предава целата татковина, целата држава, односно остатоците од тоа што некогаш беше држава, односно татковина. Оттука клетвата е уште потешка. Од неа никој нема да куртули. Никој што со некоја постапка се огрешил кон татковината. Со потпис, со гласање, со наговарање, со закани, со ширење лаги, намерно или ненамерно, свесно или несвесно, што велат свештениците – волно или неволно. Домашни функционери, претседатели и премиери, министри и пратеници, аналитичари, колумнисти, новинари, членови на квазиисториски и квазинаучни комисии, странски бабароги од сите сорти што без срам доаѓаа за да не убедуваат дека само да си го смениме името и се ќе биде убаво како во рајот. Сега пак доаѓаат да ни кажат дека само уште да си го смениме идентитетот. Додуша ништо друго не ни остана. Неодамна еден висок функционер на блудницата вавилонска, како што ја опеа нашиот народ, не убедуваше дека кај нас имало многу криминал и корупција, ама тоа не било важно. Важно било да го смениме уставот. Само тоа. Истиот тој утре ќе ни ги повтори зборовите на првосвештениците упатени кон Јуда. Нашиот народ во состојба на разочараност ја кажувал пословицата: „Кинисало море в река да се дави.“

Иако не се многу далеку Илинденското востание и Втората светска војна, иако преданијата сеуште се живи и сеуште се раскажуваат, се помалку се тие што им значи нешто саможртвата на илинднците, на партизаните, на оние што животите ги даруваа на татковината. На оние што со последниот куршум си ги одземаа животите само да не паднат во рацете на непријателот и да не си нанесат страм на јунаштвото. На оние што своите животи ги вградија во темелите на татковината. Некому споменот на нив многу му значи. Придобивките од вековната борба за слобода исто така. Тој што има почит кон   кон традицијата има почит и кон татковината. Блаже Конески во еден свој есеј со наслов „Пишување на ‘мал’ јазик“ пишува дека некои луѓе му се обраќале со прашање зошто не пишува „на еден од веќе афирмираните јужнословенски јазици“. Притоа вели. „Во мојата ситуација не беше можна ни помислата за таква преориентација. Зошто? Затоа што за мене едно такво решение би значело интимен пораз. Јас би го доживеал тоа како изневера кон својата генерација, кон своите врсници, понесени од македонската национална идеја. Не еден од моите другари падна како жртва за таа идеја во годините на антифашистичкиот отпор. Загинаа и неколку македонски поети, меѓу нив и нашиот родоначалник Кочо Рацин. Јас не можев да го погазам нивниот завет“. Ете така размислувал големиот Блаже Конески. За пример и за поука.

И големиот војвода Ѓорѓија Пулевски, иако дејствувал низ целиот Балкански полуостров, бил силно поврзан со родниот крај, со Мијачијата и со Македонија. Тоа не само што не го криел туку и често го истакнувал. А највпечатливо го покажувал со тоа што никогаш не ја оставил мијачката носија. Учествувал во ослободувањето на Србија, и во ослободувањето на Бугарија, во народна носија присуствувал на приеми кога примал одликувања и во Белград и во Софија. А како што сведочи Кузман Шапкарев еднаш кога материјално западнал и кога побарал државна служба во Софија му било речено дека ќе ја добие веднаш, ако ја фрли народната облека и ако ја замени со европејска. На тоа старецот им одговорил: „Ако вие сакате да ме принудите да си го фрлам народното облекло, со кое што сум пораснал и сум работел толку време за својот народ, тогаш јас не ви ја сакам ни службата, ни платата.“ И си излегол. Ете тоа бил Ѓорѓија Пулевски кому народната носија му значела повеќе од парите дури и во време кога, како што вели Шапкарев, се наоѓал во „критична положба во материјален поглед“.

Не се малку случаите кога откажувањето од народот и татковината се казнувало со клетва, а клетвите набргу ги стигнувале оние што ги заслужиле. Особено народот ги проколнувал предавниците и тоа со најтешките клетви. И верувал дека ќе ги стигнат клетвите не само директните предавници, туку дека ќе ги следат и нивните поколенија до деветто колено.

Марко Цепенков запишал песна за прилепскиот војвода Диме Чакре, кој се прочул со своето јунаштво и го бранел народот од насилниците. Цепенков кон песната запишал: „Дури пооди Диме војвода со четата по нашата наија, лошите Турци си свија опашката и си седнаа дома да чекаат за да го отепаат Димета и после да излезат да мачат мирните селани.“ Се барал предавник за да се ликвидира четата и се нашол некој Крапче. „Ако не беше го предал Крапче Чакрета, многу години ќе боттеше Диме по нашите села и многу крволочници ќе истребеше. Во колку време што би Чакре, истреби 3-4 од најлошите и крвопијците Турци.“ Во песната се пее: „Ој  ти Крапче одавник,/ што одаде јунаци,/ четворица кумити,/ јунаци прилепчани!“ Кон записот на оваа песна Цепенков забележал: „Проклета му душа на Крапчета, што го предаде таков јунак над јунака, да изгори во куќата на Кондовци“.

Народната песна осудила и проколнала и други предавници. Го проколнала Димета од Црно Буки што ја предал четата што се наоѓала во селото Могила кога загинале Парашкев Цветков, професор по музика во Битолската гимназија, потоа познатиот револуционер дедо Андреја од селото Мало Црско и повеќе други борци.  „Бог да го бие Димета, море, / кодошот од Црно Буки, / тој го предаде селото, / целото село Могила“.

Народот го колнел и Митрета Гинков (Гинката) што го предал Александар Турунџе за сто и педесет жолтици: „Бог да го бие шпиуно,/ шпиуно Митрета Гинков, /што го предаде Алексо,/ Алексо страшен бунтовник, / тој го предаде Алексо, / за стопедесе жолтици.“

Народот го колнел и Петре Лигушо што ја предал четата на Ѓорѓи Сугаре: „Бог  да го бие кодошо,/ кодошо од Генимале,/ кодошо Петре Лигушо, /што ја предаде четата, / четата на Ѓорѓи Сугаре.“

По предавство бил убиен и Веле Марков. Народот го колнел и кодошот од Ракитница што го предал Веле Марков со неговата чета. „Бог да го бие кодошот,/ кодошот од Ракитница,/ што ја предаде четата,/на тој ми Велко војвода“.

По предавство загинал и Мише Развигоров. Тој бил опоменат дека во Штип народот е разделен на партии и дека ќе го предадат, но не можел да поверува тоа да се случи во градот каде што го организирал населението, „Јас сум Штипјани учило, / не верувам да ме предадат“. Но ете се нашле и такви што го предале: „Там са си Мише предали,/ Мишета жив изгореле“.  

Оттука не е ни чудно, ни необично што популарниот војвода Апостол Петков, од народот наречен „Ениџевардарско сонце“, како што пее песната, често говорел дека не се плаши ниту од џандарите, ниту од андартите туку само од шпионите: „Мен’ ни ме е страв, бе моја дружино, / мен’ ни ме е страв од андартите, / ниту ме е е страв од џандарите,/ нај мен’ ме е страв, бре моја дружино,/ нај мен’ ме е страв од другарите, / стија шо пија и наедно спија.“

Како се бирале предавниците. Некогаш сами се пријавувале и предавствата ги извршувале со најголемо задоволство, со уживање. Ниту една солза за загинатите, ниту мала сенка на совеста. Некогаш тие биле одбирани по подолги набљудувања, по анализи. Еден таков предавник е Коте од Руља, кого го одбрал и го плаќал познатиот македономрзец Германос Каравангелис. Тој во својата автобиографска исповед со наслов „Македонската борба“ пишува  како се определил токму за овој предавник. „…требаше да се обидам да придобијам некој бугарофон војвода и да го убедам и да го превртам и да го направам грчки војвода. И така решив да се сретнам со Коте од Руља.“ Владиката како што вели самиот знаел дека Коте го убил Касим ага и дека е осуден на смрт. Знаел дека Коте и порано, „пред да влезе во Комитетот покажувал знаци на симпатија за нашите и пред се за оние што убиваа. Значи, ќе го најдам – реков – па што сака нека стане.“ Како што вели самиот „по многу напори“ успеал да договори средба. Цела ноќ разговарале. „Му реков: Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа. Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и спомениците што се скриени во неа, и тие се грчки и монетите што ги наоѓаме се грчки и натписите се грчки. Впрочем нашата црква и патријаршијата секогаш беа во првите редови на слободата. Додека Бугарија не се покажа способна дури ни самата да се ослободи, туку беше ослободена од Русија. Па чекаш сега таа да ја ослободи Македонија?“ Итн. „Од денес – му реков – ти ќе бидеш со нас, ќе бидеш прв човек. Ќе те испратам долу да ги запознаеш грчките цареви, а твоите деца ќе ги испратам да учат во Грција. Прифати се и се договоривме тој да ја преземе заштитата на селата во својата околија, а јас обврската за издржување на неговата чета. Ми даде и едно писмо дека во иднина ќе му служи на Грчкиот комитет.“ Потоа Коте му ги испратил своите деца, едно на седум другото на дванаесет години.   „… и денес тие се офицери на грчката војска. … На Коте му испратив една месечна плата, десет лири за него и по две за секое негово дете, односно неговите јунаци.“ Натаму посебно истакнува дека предавници имало во селое село: „Во секое село имавме еден известувач, кој требаше да не информира за се.“   Ете така Коте му дал писмо за верност, онака како што во приказните човекот му ја продал душата на ѓаволот потпишувајќи му се со сопствената  крв.

За своите предавства Коте бил осуден на смрт од страна на Организацијата, но не бил погубен зашто се чекало Гоце Делчев да ја потврди пресудата. Гоце, пак, секогаш се залагал на тие што погрешиле да им се даде шанса да се поправат, а не со ликвидации да се намалува борбената сила на Организацијата. Но народот вели од волкот овчар не бидува.

Лазар Поп Трајков, ценет син на Костурско и борец за слободата на Македонија, човекот што ги опеа битките на Локвата и Винари, беше жртва на овој предавник. Кога еден непријателски куршум тешко го ранил во борбата во селото Чаништа, Мариовско, Лазар побарал заштита во скривалиштата на Коте.  Му се доверил на Котета за кого и не помислувал дека овој стигнал до таму во предавствата да посегне по животот на својот поранешен пријател кој два пати му го спасил животот. А Коте една ноќ му ја отсекол главата и му ја однесол на костурскиот владика Каравангелис и како пофалба за верност, но и за да ја земе наградата од педесет лири колку што била уценета главата на Лазар.

Колнејќи го предавникот Котета, народот од Костурско му испеал повеќе песни на  саканиот војвода Лазар Поп Трајков. Една од нив е и оваа во која се споменуваат и планината Лисич, и порачателот на убиството владиката што мразел се што е македонско Германос Каравенгелис и убиецот Коте од Руља.

Зошто плачиш, зошто жалиш, ти високи Лисич?

Одговара жаловито, тој високи Лисич:

-Јас ќе плача и ќе жала дур до веки века,

зашчо виду как заклае Лазо Попотрајко.

Отсекое горда глава за пендесет лири,

однесое во Костура бакшиш за деспота.

Срамно ести, срамно да се каже за деспота,

а уште посрамно ести за тој што го уби,

за тој што го уби, тој Коте од Руља.

Ете на овој Коте, кого го нарече „персонификација на македонски Јуда Искариотски“ Гане Тодоровски му испеа песна полна со клетви:

Да би не бил, Коте, да би не бил!

Клетвите во пекол да те фрлат.

Сотоната в канџи да те зграпчи,

Да те гмечи душа да ти вади –

 

Црна душа имаш, Коте, црна,

Срамот тебе во крвта ти блика.

Чумосана суштина си, грда,

Срам ли стори, срам нека те сотре –

 

Прклет биди бел ден да не видиш,

Предавнику плипот зла што стори,

Брата своја што си закла, ѕверу,

да те вртат сотони на ражен –

 

Ровји да те гламњосаат, Коте,

Да би немал утреж, устрел да те сретне,

Да не знаеш кон каде се бега,

Од сенката своја да се плашиш!

Ете тој Коте од Руља кому Грците му направиле споменик поради неговите заслуги за грчката кауза, може да биде пример за споредување со нашите денешни предавници кои работат против интересите на татковината. Не е лошо и кај нас да се направи споменик на предавникот, така поднаведен, со свиткана кичма, со подадена рака по наградата. Споменик за плукање и колнење.

На клетва лек нема, вели народот, ако не го стигне тој кој ја залужил ќе ги стигне неговите потомци. А дека редовно ги стигнува проколнатите сведочи и преданието за судбината што ги снашла оние што го клеветеле праведниот Арсение, последниот поглавар на прочуената „Охридска архиепископија“. Имено наклеветен од неколкумина охриѓани Арсениј бил повикан во Цариград, незаконски бил симнат од престолот од страна на световната власт и бил протеран во заточеништво каде што го завршил животот. Во еден запис за овој настан се вели: „Пред да си отиде патријархот служел пред целиот народ литургија во црквата  „Свети Климент“ и тамо ги проколнал Нејко Челеби, Стамче Беј, Бујар Лигдо и Малечко Беј. Клетвата не отишла во ветар. И четирите куќи се испустиле до конец. Потомците им изумреле во сиромаштија. Само од една од тие фамилии останала 60 годишна бабичка која оди по улиците и е сосема луда. Охриѓани ја сметаат како очевиден призрак на клетвата на праведниот Арсенија.  По тоа предание, се вели во овие запис, Григор Прличев ја напишал песната „В хилајада седемстотин шестдесет и второ лето“ во која посебно ги нагласува клетвата и нејзиното исполнување.

Погледнал на сино небо, љуто проколнал:

„Ох послушај мили Боже, хаир никога да немат,

Стамче Беј и Бујар Лигдо, Нејко челеби.“

Милостивиј Бог послушал патричка горешта клетва,

слава нихна, семе нихно погубил со шум.

И сега во куќи нихни ткае пајак пајажина,

И на пусти стрехи нихни хукат хутове.“

Македонскиот народ ги колнел сите од кои што страдал, ги колнел предавниците, ги колнел насилниците, но ја колнел и Европа, како што ја нарекува „блудница вавилонска и крвница македонска“ затоа што на Берлинскиот конгрес (1878) кога на другите народи им било дадено право на држава и слобода, македонскиот народ бил оставен во рамките на Отоманската империја со лицемерни ветувања за некакви реформи кои што никогаш и не се случиле.

От врв Пирин планина,

очаен глас се слуша,

Македонија плаче,

плаче и проколнува:

„Проколета и триж клета,

да бидеш ти Европо,

блуднице вавилонска,

крвнице македонска…

Според некои сведоштва песната е составена од стариот револуционер Раздолов, познат како дедо Раздолчо, и по осумдесеттите години на 19 век била многу популарна во Битолскиот вилает. По овие страдања и клетви на македонскиот народ на Европа и се случиле две балкански и две светски војни кои предизвикале катастрофи од невидени размери. Само господ знае што следува?

ЧЕСТИТ ПРАЗНИК ТАТКОВИНО. ЗА МНОГУ ГОДИНИ.