Според ќерката на Крупе Кепески, Јованка, овој текст што го пронашла во домашната архива од нејзиниот татко, е основа за текст во белградска Политика на барање на новинарот Поповски. Пишуван е во 1951 година, а Јованка Кепеска не знае дали текстот во Политика е објавен, бидејќи нема траг од него во оставината.

Круме КЕПЕСКИ

За азбуката, правописот, и првите книги на македонски литературен јазик

Историското решение донесено на Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година, со кое „во македонската држава се воведува македонски јазик“ го отвори широко патот за донесување на македонската азбука и правописот.

Голема радост во срцата на ослободениот наш народ донесе појавата на првата македонска азбука. Федералната влада на Македонија ја прокламира првата македонска азбука на 5 мај 1945. Азбуката претставуваше „железен клуч кој длабоко ќе го отвори срцето на Македонецо“, ќе овозможи да се пишува на својот роден јазик и да се развива и шири нашата национална култура во тукушто ослободената земја. Азбуката беше изработена од Комисија определена од Президиумот на АСНОМ која работеше од есента 1944 до мај 1945 год. Таа има 31 буква. Секој глас се обележува со одделна буква.

Не помала важност има и појавата на Првиот македонски правопис. Првиот македонски правопис беше усвоен во месец јуни 1945, а беше изработен од комисија за јазик и правопис при Министерството за народна просвета.Македонскиот правопис излезе во издание на „Државното издавачко претпријатие – Скопје“, 1945. Кничка која има само 20 страници. Во неа се изнесени основните правила за пишување и се дадени и утврдени формите  а нашиот литературен јазик. Правописот е поставен со мали исклучоци на фонетски принцип.

Како централен проблем беше недостигот на буквар, граматика и читанка.

Македонските училишта веќе почнаа со работа (дури некои работеа на ослободената територија во Дебарца) и беа потребни учебници и книги на народен литературен јазик.

Веќе во 1945 год. се појави и Првиот македонски буквар со читанка за I одделение – составен од Комисија при Министерството за просвета (Спасе Чучук и Мане Манески). Насловната страница и цртежите ги изработи художникот Цицо Поповиќ. Второто поправено издание излезе во 1946 год. во издание на Државното книгоиздателство – Скопје. Букварот изнесуваше 92 страни.

Во истата 1946 год. се отпечати и букза возрасни кој имаше за цел да придонесе за описменувањето на неписмените наши луѓе. Тој имаше 120 страни и е со слики.

Изработката на Македонската азбука и донесувањето на Првиот македонски правопис го овозможи составувањето и на Првата македонска граматика. Таа беше работена во летото и есента на 1945 год., а излезе од печат во издание на Државното книгоиздателство на Македонија во јануари 1946. Во таа граматика од кКруме Кепески се разработија формите на македонскиот литературен јазик. Граматиката е општа – наменета и на училиштата и на широките народни маси, а изработена е според програмата на Министерството за народна просвета на Македонија. Второто издание на оваа граматика се појави во 1947 год.,  а  III во 1950. Мораше да се посвети големо внимание на изработката на букварот со читанка и граматиката, бидејќи тие силно дејствуваат на свеста на децата, на нивното внимание, интерес. Тие треба да развијат љубов спрема книгата, образованието и својата земја и народ.

Во таа смисла овие учебници и ја одиграа својата улога , му помогнаа на детето во познавањето на литературниот јазик и подигнувањето на неговата писменост.

Од првите отпечатени книги треба да се споменат: Силјан Штркот и Кузман Капидан – народни умотворби. Овие две народни умотворби се појавија во 1945 год. во издание на Државното книгоиздателство на Македонија. Отпечатени се во една книга која има 50 страници. Книгата ја исполнуваше тогашната потреба за лектира на мајчин јазик.

Во 1946 година излегоа од печат и „Одбрани четива“ за македонски јазик за I, II, III клас – изработена од Комисија: В. Иљоски, Крум Тошев и Хр. Зографов. Тие ја пополнија потребата од читанки за горните одделенија на нашите седумгодишни училишта.

Потоа во 1947, 1948 и 1949 се појавија поголем број учебници и за другите предмети како и белетристички книги од наши и странски писатели (во превод) и нашиот литературен јазик сé повеќе се развиваше, се оформуваше и утврдуваше.

Упатено до „Друже Поповски, Вака можете да го дадете материјалов, односно да го искористите. Немојте да ме вброите во директните потписници на азбуката и правописот оти во прво време на 1944 год. бев на дрга мисија во Софија за прибирање на материјали за мирот (за границите на Македонија), а кога дојдов во Скопје, веќе комисијата беше определена и работеше. К. Д. Кепески“