Портпаролот на кинеската Влада, Сун Јели, денеска изјави дека не се очекува олабавување на кинеската стратегија за нулта толеранција за Ковид-19 за време на Конгресот на Комунистичката партија на земјата, што утре почнува во Пекинг, јави ДПА.

Портпаролот Сун денеска пред новинарите ги бранеше строгите владини мерки, на само еден ден пред еднонеделниот состанок на највисокиот орган на кинеските комунисти, на кој ќе се соберат речиси 2.300 делегати.

Тој истакна дека Кина има голема популација и многу стари луѓе, дека развојот на земјата е регионално неурамнотежен, а, исто така, Кина забележува и недостаток на медицински ресурси.

-Динамичната политика за нулта-Ковид ја одржуваше на ниско ниво стапката на инфекција и смртност, а економскиот развој стабилен, додаде тој.

„Со оглед на сите досега преземени мерки како одговор на владата против Ковид-19 во Кина се покажа дека тие се најефикасни и најдобро функционираа за нашата земја“, објасни портпаролот Сун .

Меѓутоа, тој сепак вети подобра координација меѓу превентивните мерки и економскиот и социјалниот развој.

Додека остатокот од светот се обидува да живее со вирусот, Кина се држи до својата цел за нулта толеранција. Десетици милиони Кинези во моментов се целосно или делумно во локдаун.