Алијанса за Албанците нема да даде бланко поддршка за уставни измени, туку следната недела ќе ги соопшти нивните барања до Владата, амбасадите и политичките партии како услови за да гласаат за измените на Уставот, изјави в.д. претседателот на партијата, Таравари. Нивниот предлог го оцени како нешто што не може да се одбие, а еден од условите е кога ќе се отвори Уставот, да се тргне квотата од 20 проценти со која, според него, се опишува албанскиот јазик, барање со кое претходно излезе и БЕСА.

Таравари негира дека Алијанса за Албанците моментално преговара за влез во владата. Вели таква понуда немаат добиено, а ваквите информации според него ги наметнува ДУИ за да го сврти вниманието на јавноста од внатрешните проблеми со кои се соочува таа партија. Сепак тој не ја исклучува можноста дека Алијанса за Албанците е подготвена да разговара на ова прашање, но крајниот збор како што кажа ќе го имаат партиските тела.

Коментирајќи го извештајот од ЕК оцени дека државата потфрла во повеќе сектори. Според Таравари, Владата заостанува во исполнувањето на приоритетите во преговорите со ЕУ како владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, функционалната правда и реформата на јавната администрација и оти се потребни промени што поскоро за да се надмине таквата состојба.