Македонските деца во Италија ќе може да учат на мајчин македонски јазик, за разлика од соседна Бугарија, која како и Италија е членка на ЕУ, но таму не само што не смее да се учи македонски, туку јазикот и се негира.

Македонскиот јазик ќе се изучува во училиштата во Италија, во градовите каде има најмногу Македонци е предвидено со пилот-проектот кој е дел од петтата Програма за соработка на полето на културата, образованието и науката меѓу Македонија и Италија.

Програмата завчера ја потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје.

Амбасадорот како особено значајни ги истакна културните проекти реализирани меѓу двете земји, а најави дека ќе биде организирана и Недела посветена на италијанската кујна, која има културна вредност, препознаена и од УНЕСКО.

Силвестри додаде дека во тек е и Неделата на италијанскиот јазик во светот, којашто започна во понеделникот и е посветена на италијанскиот јазик што го говорат младите.

Според министерката Костадиновска-Стојчевска, оваа Програма која важи до 2025 година, овозможува продлабочување и зацврстување на комуникацијата, размена на искуства и афирмација на вредностите на двете земји, како и поволности за младите преку стипендии и размени.

Од неодамна самоиницијативно се организираат и Македонците во Егејска Македонија, во Грција, каде што бесплатно се изучува македонски јазик.

Добро е тоа што актуелната власт во Македонија се залага децата на македонските иселеници во други земји да го изучуваат македонскиот јазик, но воопшто не се залага тоа основно човечко право да го добијат и децата Македонци во Грција и Бугарија, двете земји членки на ЕУ каде што сака да влезе и Република Македонија.