Ова е шанса што не смееме да ја пропуштиме, ние сме подготвени до 2030 година да станеме членка на ЕУ, белки и ЕУ е подготвена за тоа, изјави денеска вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ.

– Оваа 2022 година е клучна година за ЕУ, но е клучна и за нас. По 31 година независност, конечно е остварливо исполнувањето на нашите стратешки цели. Ќе продолжиме со реформите во клучните области. Ова е шанса што не смееме да дозволиме да ја пропуштиме. Политичките лидери и политичарите, администрацијата, граѓанското општество, академиците мора да работат заедно за да ги постигнеме нашите генерациски цели.
Ние сме подготвени и можеме до 2030 година, се надеваме дека ЕУ е подготвена и може да го направи тоа. По Конференцијата за иднината на ЕУ и дефинираната траекторија, се надеваме на пообединета Унија, со зајакнат консензус околу клучните приоритети и предизвици со кои се соочува, објави Маричиќ на официјалниот профил на Фејсбук.

Европа, додава тој во објавата, каде проширувањето нема да се смета како закана, туку како можност за сите.