Подготвивме пакет со поддршка за целиот Западен Балкан за справување со енергетската криза, соопшти на вечерашната прес конференција Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Започнува со грантови. 80 милиони грантови за … Македонија, како итна буџетска поддршка. Тоа ќе помогне во справувањето со високата цена на енергенсите за вашите граѓани и компании. Ова ќе го финализираме до крајот на годината, за вие да ги добиете средствата веќе во јануари. Секако, ќе дојдат и повеќе средства. На пример, има 500 милиони грантови за целиот регион за инвестирање во тоа што е неопходно сега за да ја добиеме својата независност. За инвестирање во енергетска поврзаност, за инвестирање во енергетската ефикасност и секако за инвестирање во обновливата енергија“ – изјави Фон дер Лајен на заедничката прес конференција со македонскиот премиер Ковачевски.