Бугаринот кој беше осомничен за силување и убиство на телевизиска новинарка Викторија Маринова го призна делото и ќе остане во притвор, соопшти денеска судот.
– Да, виновен сум. Не можам да поверувам дека го сторив тоа. Жал ми е, изјави 20-годишниот човек на судењето, јавија бугарските медиуми.
Тој, исто така, рече дека бил под влијание на дрога и алкохол и оти не ја познавал жртвата кога го сторил кривичното дело.
Телото на 30-годишната новинарка и презентерка беше пронајдено на 7 октомври во парк на брегот на реката Дунав во бугарскиот град Русе, во близина на границата со Романија. Таа била излезена да џогира.
Осомничениот прво избегал во Романија, а подоцна заминал за Германија, каде живеат неколку негови роднини. Откако беше депортиран од Германија, бугарската полиција пронајде генетски материјал со што го идентификува човекот како сторител, соопшти бугарскиот министер за внатрешни работи, Младен Маринов во Софија.
Бугарскиот државен обвинител Сотир Цацаров изјави дека иследниците претпоставуваат дека човекот ја нападнал Маринова „од сексуални мотиви“.