За време на работниот престој во Албанија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го посети македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, каде во моментов е поставена изложба на нашиот уметник Зоран Кардула.

– Ова пријатно катче беше отворено минатата година како место за иницирање на нови идеи за бројни заемни активности во областа на културата и уметноста, и тоа во музичко-сценската, драмската, литературната и издавачката дејност, но и простор каде што ќе се промовира македонската култура, традиција и уметност во соседна Република Албанија, мост меѓу Истокот и Западот, изграден за запознавање и соработка на две културно богати европски земји, напиша министерот Спасовски на неговиот фејсбук профил.

Ова е одлична можност, пишува Спасовски, и за навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во нашата држава.

– Бидејќи, како што вели и директорот на овој Културно-информативен центар, Златко Ориѓански, не постои на светов таква култура, без да се меша со друга култура, не постојат нации и народи што не се комплекс од разно разни влијанија, мешајќи се со други народи. Можам да кажам дека токму тука, каде што се собираат прогресивните умови се изразува и европскиот дух, којшто автентично го негуваат и афирмираат и Албанија и С. Македонија, стремејќи се кон заедничкиот дом – Европската Унија, објави Спасовски на фејсбук.