Откако си даде оставка од ЛДП и министерската функција, Роберт Милевски, веројатно ќе стане амбасадор. Милевски треба да го пополни амбасадорското место во Љубљана, Словенија.

Ова го тврди Канал 5 повикувајќи се на дипломатски извори.

Информацијата дека Милевски се подготвува за дипломатска мисија ја потврди и неговиот наследник во министерството Ристо Пенов во синоќешното Само интервју, но без да сподели детали само откри дека постапка за амбасадорска функција е во тек.

Покрај Милевски, неофицијално агремани од земјите кадешто се испраќаат чекаат и поранешниот заменик министер во МНР Андреј Жерновски кој подолг период се споменува за иден амбасадор во Белград, а неофицијално празното место во Мадрид ќе го пополни екс министерот без ресор Едмонд Адеми.

За многуте празни амбасади министерот Османи вината ја лоцираше во матичната собраниска комисија и претседавачот Антонио Милошоски. Тој за Канал 5 вели дека проблемот со бавната процедура не е во Собранието, туку во намалениот буџет на МНР како и несогласувањата во владината коалиција кого да именуваат.

-Македонската дипломатија долго време, во последните шест години, е автохендикепирана пред се од самата власт, според мене, поради немање коалициска усогласеност за кадровките решенија за важни дипломатски места. Во моментов празни амбасади имаме во Тел Авив, Белград, Бразилија, Пекинг, Каиро и многу други места и сметам дека самата Влада, особено коалицијата ДУИ-СДСМ не успева да се усогласи меѓусебно и со претседателот на државата кого да номинира, вели Антонио Милошоски, претседател на Комисија за надворешни работи