Народно собрание на Бугарија и нареди на преодната влада на земјата да почне да бара алтернативи за руското нуклеарно гориво за нуклеарната централа „Козлодуј“, јави дописникот на МИА од Софија.

Таа беше поднесена од ГЕРБ, а беше поддржана од пратениците на „Продолжуваме со промената“, Демократска Бугарија, Движењето за права и слободи и партијата на поранешниот вршител на должноста премиер на Бугарија Стефан Јанев – „Бугарски подем“. Со одлуката пратениците на бугарскиот парламент и наредуваат на владата да направи се што е потребно за да се обезбеди навреме завршување на постапката за лиценцирање на неруско нуклеарно гориво. Тој треба да биде одобрен од Бугарската агенција за нуклеарна регулација до крајот на 2023 година и да се издаде дозвола за испорака и товарење. Документот е во синхронизација со европските директиви за диверзификација на снабдувањето со енергија. Со него Народното собрание и наложува на владата на премиерот Гулаб Донев да го забрза склучувањето на договор за набавка на неруско нуклеарно гориво за блок 5 на нуклеарната централа Козлодуј. Добавувачите ќе треба да докажат дека немаат технички, финансиски и правни врски со Русија. Бугарската социјалистичка партија и националистичката „Преродба“ се спротивставија на одлуката. Според бугарските социјалисти, одлуката носи ризик Бугарија за една година да остане без нуклеарно гориво. А, „Птреродба“ сметаат дека ова е заговор за замена на енергетската зависност на Бугарија од Русија со американска.