Студентскиот оброк по цена од 120 денари дневно да се исплаќа ретроактивно до март, а дотогаш да се најде системско решение за оваа субвенција. Тоа е договорено на средбата во Собранието меѓу претставници на студентите од сојузите на неколку универзитети, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и пратениците кои предложија нов Предлог-закон за субвенциониран студентски оброк со сменети услови за корисниците што предизвика реакции и ги крена студентите на протест.
По тричасовната средба, министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека сите заедно одлучиле да се предложи нов предлог-закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021, а веќе од утре тој со претставници на студентските унии активно да работат на наоѓање системско решение како во другите земји.
-Значи, предлог-законот ќе биде во временски период од шест месеци, што значи ретроактивно од 15 септември и ќе продолжи до март и дотогаш ние ќе имаме временски рок на усогласување за новото системско решение кое ќе значи дека студентите ќе добиваат здрав студентски оброк и ќе се реализира исплатата на дневна основа. Во овој период се договоривме ретроактивно за вредноста што беше досега, со измените од 2021 година, а во наредниот период со системското решение ќе биде повисока сумата за студентскиот оброк. Значи од март ќе биде повисока и тоа почнувајќи од 140 денари или според тоа какви ќе ни бидат анализите до тој период, рече Шаќири по средбата на која присуствувал и премиерот Димитар Ковачевски.
Шаќири посочи дека Предлогот со нови, неповолни услови за студентите за остварување на субвенцијата за оброк, не бил предлог на МОН, туку на група пратеници и не стигнал до Влада на разгледување за да се даде мислење.
-Пратениците видоа дека тоа не е добро решение во ова кризно време. Во наредниот период јас ќе бидам во постојана комуникација со работната група и тие ќе бидат дел од тимот со кој ќе работиме заедно – и за системското решение, и за подобри услови, и за сите други проблеми што ги имаат студентите, рече Шаќири.